МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР ДА СТАНЕ ИНСТИТУЦИЈА, ПРЕДЛОГ ОД КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ОСНОВАЧОТ ХАЏИ-АНТОНОВСКИ

    МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР ДА СТАНЕ ИНСТИТУЦИЈА, ПРЕДЛОГ ОД КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ОСНОВАЧОТ ХАЏИ-АНТОНОВСКИОд денешната комеморација за Коста Хаџи-Антоновски, кој почина на 15 март. (Фото: СДК.МК)

    Малиот битолски Монмартр да се институционализира, предложи адвокатот и поранешен портпарол на Детското ликовно студио Никола Главинче, на денешната комеморација организирана во чест на идејниот творец на детската колонија Коста Хаџи-Антоновски, кој почина на 15 март годинава на 86 години.

    „Во оваа прилика би апелирал до семејството, сите оние кои се вљубеници на неговото дело, би повикал дека најдобар начин за да се оддаде почит на неговиот лик и дело е да го институционализираме Малиот битолски Монмартр. Да добие третман на институција која ќе го обезбеди својот опстанок не во следниот пет до десет години, туку додека постои овој град и држава. Причините за тоа се оправдани, зашто Малиот битолски Монмаратр е пример по кој се веќе институционализирани такви колонии во Евора, Португалија, Кина, Романија, Србија. Монмартр има толку големи потенцијали и во квалитет и во квантитет, што може да претставува број еден туристичка атракција во овој град. Коста често пати велеше ќе дојде ден кога Монмартр ќе биди на рамниште институционално со ‘Браќа Манаки’ и Охридско лето. Мислам дека тоа беше неговата последна желба. Тоа студио да добие институционална поддршка и еднаш засекогаш да го реши својот статус“, рече Главинче.

    Градоначалничката Наташа Петровска рече дека сеˋ ова што доаѓа како иницијатива треба да биде координирано и со семејството на Хаџи-Антоновски.

    „Секоја иницијатива ќе биде спроведена откако неговото семејство ќе даде согласност за тоа. Во телефонскиот разговор што го имавме пред да почине, ни го остави аманетот градот широко да ги остави отворени прегратките за децата од сиот свет, зашто оние прекрасни моменти кога џагорот го слушавме низ нашите сокаци е нешто што овој град не смее да го загуби. И токму второто издание во вакви ковид околности, а 40. јубилејно издание на Малиот битолски Монмартр, ќе биде одбележано онака достојно како штои заслужува Коста“, рече Петровска.

    Монмартр опстојува во рамки на Десткото ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола и беше приватна иницијатива која кога помалку, кога повеќе ја поддржуваа приватни компании и државни институции.
    Главинче напомена и уште една идеја на Хаџи-Антоновски со цртежи да се поврзат Битола и Лерин.

    „Жалам што не ја реализира неговата идеја за која заеднички разговаравме, да се направи една изложба од Битола до Лерин со цел да се каже дека границата е отворена и дека луѓето од двете страни на границата живеат пријателски. Еве идеја за во иднина да ги поставиме цртежите од центарот на битолската чаршија па сè до центарот на Лерин “, рече Главинче.

    Од Светската изложба која е составен дел од битолскиот Монмартр досега се собрани милион цртежи кои се чуваат во депото на Детското студио и чекаат простор за изложба.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира