МАРАТОНСКО СУДЕЊЕ ДЕНЕСКА ВО СТРУГА, МЕРКО НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА ЗА СЕДУМ ПРЕДМЕТИ, СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА НАБАВКАТА НА „АУДИ“ ЌЕ ПОЧНЕ ОДНОВО

    МАРАТОНСКО СУДЕЊЕ ДЕНЕСКА ВО СТРУГА, МЕРКО НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА ЗА СЕДУМ ПРЕДМЕТИ, СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА НАБАВКАТА НА „АУДИ“ ЌЕ ПОЧНЕ ОДНОВОПет обвиненија се однесуваат на незаконско поставување директори на училишта (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Струга денеска се одржаа седум судски предмети против градоначалникот Рамиз Мерко, пет за незаконско поставување директори на училишта, за набавката на „аудито“ и за поставувањето спомен-обележје на влезот на општинската зграда.

    Во предметот во кој се споени обвиненијата за училиштата во Лабуништа, Радолишта, Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и за училиштето во Велешта, за кое се води одвоен предмет, во кој четири лица се обвинети за злоупотреба на службата и фалсификување, беа сослушани поранешниот министер за образование од ДУИ, Јетон Шаќири и советникот за буџетска распределба при Општина Струга, Абедин Нуроски.

    Шаќири пред судот рече дека ингеренции за именување и назначување директори во основните училишта има основачот на училиштето, во случајот Општина Струга и оти кај него не бил доставен предмет за одземање ингеренции.

    Во конкретниов случај кога бев министер за образование и наука, тоа може да се потврди и од Секторот за основни и правни работи, кај мене не е доставен целосен извештај поради тоа што во комплетирањето на документацијата или нешто недостасувало или не е доставено од страна на локалните самоуправи, просветниот инспекторат или училиштата, но во истите училишта после одреден период има нови директори, после шест месеци, една година“, изјави Шаќири.

    Бранителот на Мерко, Игор Петковски, рече дека сведокот Шаќири јасно и недвосмислено кажал оти на Општината никогаш не ѝ биле одземени ингеренциите во делот на образованието додека тој бил министер, со што, според него, се потврдува тезата на одбраната дека немало никакви неправилности при именувањето на директорите во основните училишта во Општина Струга.

    Објаснувајќи ја процедурата на исплата на плата во образованието на ниво на Општина Струга, сведокот Нуроски рече дека во секое училиште мора да има именуван директор за да може да се одобри и исплати плата за сите вработени, онака како што постапил градоначалникот Мерко кога именувал директори.

    Во предметот со Егзона Шеи, покрај овие сведоци, беше сослушан и Ваит Жута, поранешен директор на училиштето во Велешта во периодот кога Шеи била вработена во училиштето. Тој кажа дека во постапката за вработување на Шеи немало ништо незаконски и била вработена како апсолвентка на Филолошкиот факултет поради немањето соодветен кадар.

    Судијата Јордан Јованов го отфрли барањето на одбраната за сослушување 117 сведоци за тој случај. Дозволи да биде сослушан само претседателот на училишниот одбор Урим Каба.

    Во Основниот суд во Струга се одржа и главната расправа за поставувањето плоча на општинската зграда, испишана само на албански јазик, на која се велича фашистичката окупација на градот, кога албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија. Мерко е обвинет дека како градоначалник на Општина Струга поставил спомен-обележје со кое поттикнал етничка омраза и раздор помеѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

    Актуелниот заменик-министер за правда Ален Деребан во својство на сведок рече дека како тогашен адвокат и советник во Општина Струга, Советот немал донесено програма за споменици и спомен-обележја, ниту, пак, одлука, што е предуслов за да може да биде поставена плочата.

    Покрај тоа што спомен-плочата е поставена спротивно на Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, без да биде предвидена во програмата и без да биде донесена одлука за нејзино поставување, уште поспорна е содржината на истата затоа што се повикува на периодот кога во сегашната зграда на општинската администрација балистите како соработници на фашистите спроведувале настава на албански јазик со фашистичка идеологија“, изјави Деребан.

    Судскиот процес за предметот со „аудито“ ќе почне од почеток поради промената на судијата. Главната расправа е закажана за 5 март, а ќе бидат сослушани четворица сведоци.

    Струшкиот градоначалник од 2023 е на црната листа на САД поради вмешаност во корупција. Стејт департментот тогаш кажа дека како градоначалник на Струга злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери. На црната листа на САД истовремено се ставени и неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца Генц, Назмије и Дренуше.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира