Петнаесетгодипниот битолчанец Арабел Рустемовски, кој го освои бронзениот медал на Европското јуниорско првенство во бокс, вели дека му го посветува на клубот „Пелистерски јунак“ каде под водство на тренерот Јове Петровски-Оцо тренира веќе седум години.
„Медалот му ги посветувам на клубот каде тренирам од мојата осма година. Секој ден тренирам, два пати по два часа. Боксот е мојот живот, ова е мотив плус да продолжам понатаму да боксувам“, вели Рустемовски во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК по Европското првенство што деновиве се одржа во Нови Пазар, Србија.
Арабел Рустемовски потекнува од старо битолско боксерско семејство. Внук е на Сакип Рустемов, еден од најдобрите боксери што ги имала Битола, кој во некогашната југословенска репрезентација ги бранел боите и против САД. Негови браќа се боксерите Ален познат како Златна десница и Ружди Рустемовски.
Неговиот тренер Петровски вели дека ова е голем успех за боксот во Битола и Македонија, особено за клубот кој нема ни свој објект за да може екипата во која членуваат надежни спортисти непречено да тренира.
„Многу работи ни недостигаат. Немаме ни наш објект наменет за бокс, кираџии сме во салата во Центарот за социјални работи во Битола, која ја делиме со други лица и имаме три пати неделно термини само по час и половина. Немаме ни дозволно опрема“, вели Петровски.
Од Општина Битола соопштија дека во тек е реконструкција на поранешната боксерска сала кај Стадионот „Петар Милошевски“ која треба да прерасне во Центар за спорт и рекреативни активности и планирано е да биде готова до крајот на оваа градежна сезона.
За да дојде до бронзен медал Арабел Рустемовски ги победи израелскиот боксер со руско потекло Денис Мисиук и Србинот Теодор Јосијевиќ, и во двете борби со убедлив резултат од 5-0. Во борбата за влез во финалето, тој загуби од Владимир Мшецјан од Ерменија со резултат 4-1.
„Најтешок ми беше првиот ден кога боксував со Русинот и не бев уште опуштен, потоа влегов во игра и немав проблем“, вели Рустемовски.

Неговиот тренер Јове Петровски-Оцо вели дека ова е голем успех за боксот во Битола и Македонија, особено за клубот кој нема ни свој објект за да може екипата во која членуваат надежни спортисти непречено да тренира. (Фото: СДК.МК)
Тренерот Петровски додава дека поразот во полуфиналето и не бил многу реален со оглед на составот на судиите.
„Судиите беа од Молдавија, Белорусија, Русија, Словачка и само еден Србин, повеќето од нив си имаа свои влијанија, па нам потешко ни беше на патот до успехот“, вели Петровски.
Според него, ова е историски успех за боксот во Битола.
„Лани браќата на Арабел, Ален и Ружди, освоија балкански медали и оваа година Арабел европски медал. Во Македонија од 2017 година Петар Арсовски и Адријан Аземи во кадетска конкуренција имаа бронза и по неколку години Арабел, но ова е прв медал на јуниорско европско прветнство за Македонија“, додава тренерот.
Петровски вели дека Арабел е многу талентиран и дисциплиниран боксер кого го очекува голема кариера.
Ж. ЗДРАВКОВСКА