Мегленци е нестандардно ѓубриште и прави многу поголема штета отколку идната регионална депонија што треба да се изгради на територијата на Општина Новаци, рече Ана Мазневска, експерт од Министерството за животна средина, на денешната вонредна седница на битолскиот Совет, на која се понудија детални информации до каде е проектот за регионално управување со сметот за Пелагонискиот и Југозападниот Регион.
„Независно дали имате 1.000 или 10.000 килограми отпад, ако овие илјада ги управувате како сега во Мегленци, тие се поштетни отколку 10.000 други“, додаде таа.
Дел од граѓаните кои присуствуваа на седницата побараа да се организира референдум на кој битолчани ќе се изјаснат дали прифаќаат регионална депонија во своја близина, односно во Новаци, каде што ќе се депонира сметот од 18 општини.
„Депонијата нема да биде во Битола, но и РЕК не е во Општина Битола, а нѐ труе со години. И сега не ни треба уште еден загадувач во близина на РЕК, а го видовме бенефитот од еколошката заштита во РЕК, таа никогаш не профункционира. Извештаите од онкологија ги знаеме и никој ништо не презема. Цело ѓубре од Западна Македонија ќе биде на 14 километри од Битола. Ни пречи локацијата“, рече Весна Кочанковска.
Советниците прашаа дали ќе се депонира опасен, увезен и медицински отпад и што ќе се случи доколку на референдум Битола се откаже од проектот за кој веќе е земен заем од Европската банка за обнова и развој, направени се анализи, планови и слично. Мазневска рече дека граѓанскиот сектор треба да биде вклучен, но со конструктивни коментари.
„Овие локации се избрани зашто имаат добри подоги, има глина која е природна изолација, а ќе се направат и нови изолации. Сите документи се објавени и се транспарентни. Обичниот граѓанин не може да се занимава со нуклеарна физика, треба да му верува на системот. Немаме друг избор“, рече Мазневска.
Таа додаде дека нема да има увезено ѓубре, медицински и опасен отпад, а доколку Битола одлучи да каже „не’’ за прокетот, тогаш тој ќе биде суспендиран и банката ќе се повлече, па одново ќе треба да се прават проекти и да се бара инвеститор.
Градоначалникот Тони Коњановски, обраќајќи се не само како граѓанин, туку и како родител, дедо и лекар кој ги знае последиците од загадувањето, рече дека се работи за сериозен проект за управување со цврст отпад кој се предвидува да биде направен по највисоки еколошки стандарди. Рече дека во Битола нема да има претоварна станица, ќе се обезбедат нови и доволен број камиони и садови за смет, а ќе се направи обиколница за транспортот за да не минува отпадот низ градот. Рече и дека ја разбира загриженоста на граѓаните за животната средина и за нефункционалноста на системот во тој сегмент.
„Ќе бидат задоволени еколошките аспекти, подлога од половина метар глина, непропустлива фолија, систем за собирање на депонирани и атмосферски води, за депонирани гасови, машини за работа… Зборуваме за нова современа депонија по сите стандарди. Треба да бидеме свесни дека на овој европски пат кон кој се стремиме не постои дилема дали уште ќе живееме со ѓубриште околу нас со диви депонии и сметишта или ќе зборуваме за систем за управување со отпад. Јас сум цврсто убеден дека сите сме на иста страна“, рече Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА