МЕРКО КАЖА ДЕКА Е ЗАГРИЖЕН ШТО ИМА МНОГУ ТРСКА НА БРЕГОТ, НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ВО ПОДГРАДЕЦ

    МЕРКО КАЖА ДЕКА Е ЗАГРИЖЕН ШТО ИМА МНОГУ ТРСКА НА БРЕГОТ, НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ВО ПОДГРАДЕЦГрадоначалниците на Охрид Струга и Поградец, Константин Георгиески, Рамиз Мерко и Илир Џаколи денеска во Поградец на одбележувањето на Денот на Охридското Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Воспоставување заеднички туристички пакет и успешно справување со проблемите, посебно нелегалните градби долж Охридското Езеро, за одржлив развој на целиот регион кој ќе овозможи нови стратегии особено во областа на туризмот, договорија градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец Константин Георгиески, Рамиз Мерко и Илир Џаколи денеска во Поградец, на одбележувањето на Денот на Охридското Езеро.

    На заедничката средба тројцата градоначалници разговараа и за проблемите со кои се соочуваат овие општини. Потенцираа дека општините за реализација на проектите од областа на инфраструктурата треба да добијат зелено светло од УНЕСКО.

    За градоначалникот на Охрид Костантин Георгиески, потребно е обединување на градбите долж крајбрежјето во рамките на регулаторниот план одобрен од УНЕСКО, додавајќи дека дивите градби се проблем за трите општини.

    „Урбанизацијата и урбаниот развој е едно од прашањата кое е многу сензитивно поради заштитата од УНЕСКО. Планот за управување којшто ние го имаме го дефинира начинот на спроведување на урбанистичките планови, висините, искористеноста на просторот и мора такво нешто да се изработи и на албанската страна. Со оглед дека целиот регион е заштитен под УНЕСКО важат истите правила и за Охрид и за Струга и за Поградец“, изјави Георгиески, кој рече дека неговиот струшки колега има различен став во однос на пристапот за имплементација на препораките добиени од УНЕСКО.

    За Мерко, пак, загрижувачко е големото присуство на трска на езерскиот брег во сите три општини. Тој рече дека Струга е позанемарена во однос на инвестициите во рамките на заедничкиот туризам.

    Соработката на трите општини за градоначалникот на Поградец Илир Џаколи, пред сè е во насока на успешна стратегија за заедничка понуда како и воспоставување на бродската линија Охрид-Струга-Поградец.

    Трите езерски општини во 2000 година потпишаа декларација за заштита на Езерото и на 21 јуни со различни активности, наизменично секоја година го одбележуваат Денот на Охридското Езеро.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира