Привршува враќањето на мермерните елементи во гледалиштето во Театарот во археолошкиот локалитет Стоби. Со тоа, се отвора можноста веќе следната година Фестивалот на античка драма да се врати на локацијата во оригиналниот амбиент, по кој беше познат во регионот. Тој десетина години се одржува на сцената на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Деновиве се извршуваат завршните активности, последната фаза од годинашната конзервација на мермерот. Дваесетината мермерни плочи се враќаат, откако се изврши санација на местото каде беа лоцирани.
„Враќањето на дислоцираните мермерни блокови е во последната фаза од активностите годинава. Тие беа отстранети за да се санираат штетите на лежиштата од блоковите. Тоа е сѐ санирано, конзервирано и сега сме во фаза на враќање на седиштата во гледалиштето. Со тоа овој театар може да се стави во функција, да биде комплетно безбеден за посетителите и да го вратиме Фестивалот на античка драма на местото каде му прилега. Така би го вратиле сјајот на театарот и би бил атрактивен за посетителите“, кажа Маријана Филова, вишa конзерваторka во Националната установа (НУ) „Стоби“.
Вратените мермерни седишта се оригиналните од времето кога театарот бил изграден, во 2-от век, а постоел до 4-от. Се носел од Прилеп и бил познат уште од античко време. Уште тогаш, прилепскиот бил препознаен како квалитетен мермер за употреба. Десниот дел од гледалиштето е конзервиран без седишта и мермерни блокови. Се гледаат само лежиштата, мермерните блокови недостигаат. Во различен период од постоењето на населбата, мештаните ги користат како секундарен материјал за градби или санација на други објекти. Проценките на стручните лица се дека за да се постават нови мермерни блокови како седиште, потребни се три милиони евра.
Денес комплетно недостасува горната половина од гледалиштето, единствено се забележуваат потпорните ѕидови. Капацитетот на театарот бил околу 7.600 гледачи, каде имало и крвави борби на гладијатори. На седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња од реномираните граѓани на Стоби, кои секогаш имале резервирани места.
П. ПЕЧКОВ



