МЕСТО СО ОГРЕВНИ ДРВА, ПЛАЦОТ НА ШУМСКОТО СТОПАНСТВО ВО СТРУМИЦА ПОЛН СО СТАРО ЖЕЛЕЗО И ХАВАРИСАНИ ВОЗИЛА

    МЕСТО СО ОГРЕВНИ ДРВА, ПЛАЦОТ НА ШУМСКОТО СТОПАНСТВО ВО СТРУМИЦА ПОЛН СО СТАРО ЖЕЛЕЗО И ХАВАРИСАНИ ВОЗИЛАБидејќи нема место, вработените на плацот возилата почнаа да ги стават едни врз други. (Фото: СДК.МК)

    Складот на Шумското стопанство „Беласица“ премина во плац на старо железо и хаварисани возила. Сите запленети запрежни и моторни возила на дрвокрадците стојат со години на ова место, ниту сопствениците не покажуваат интерес да си ги повратат, ниту пак Агенцијата за управување со одземен имот не ги презема. Цели 15 години на подружницата на ЈП „Македонски шуми“ во Струмица се складираат сите возила и предмети со кои се вршела сеча и транспорт на крадени огревни дрва, па вработените на плацот бидејќи нема место, возилата почнаа да ги стават едни врз други. Претежно станува збор за стари моторни возила, комбиња, приколки, но и купишта старо железо од запрежни возила од кои се создадени цели ридови.

    „Со години никој не ги презема од складот. Сѐ што ќе се заплени од  шумочуварите од Беласица или од шумската полиција се носи овде. Претежно станува збор за стари возила со кои се вршело транспорт на крадени дрвја и при постапка не плаќаат за да си ги повратат, па остануваат тука. Постојано притискаме оти нема место каде да ги складираме дрвата од нашата сеча“, вели Никола Ристов од Шумското стопанство „Беласица“ од Струмица.

    Според евиденцијата, станува збор за околу 1.000 моторни и запрежни возила со приколки. Само стотина можеби се функционални, велат од ова подружница. Останатите веќе се демолирани и хаварисани од поместувањето и складирањето едни врз други од пред цела деценија.

    „Донесена е одлука на Влада дека мора да се дислоцираат. Неодамна имавме состанок и одлучено е прво да се изврши попис и вештачење, па да се утврди кои возила ќе одат како старо железо, а кои за продажба оти овде има и трактори и камиони кои се функционални“, вели Ристов.

    Ништо поразлична не е ситуацијата ниту со складовите за огревно дрво на подружниците на „Македонски шуми“ низ другите градови во државата. Според најавите, чистењето на плацевите од хаварисаните возила и старото железо ќе почне по претседателските избори.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира