Светиот крст во Охрид кој годинава за првпат наместо од езерските води дирекно од црковниот казан во светиот храм Свети Никола Геракомија замина во рацете на Никола Чорбески од Варош.
„Оваа година мене ми беше среќата, секоја година се капиме. Годинава на поинаков начин, но среќата била за мене. Господ здравје на сите и за многу години“, вели Чорбески.
Големиот христијански празник Богојавление-Водици во Охрид помина без традиционалното одбележување со илјадници верници на пристаниште и стотици капачи кои традиционално скокаа во водите на Охридското Езеро по светиот крст.
Поради пандемијата и почитување на мерките за заштита од коронавирусот најмасовната црковно народна манифестација, која векови наназад се случува во Балканскиот Ерусалим, годинава беше откажана. Охриѓани сепак останаа верни на традицијата и се искапија за здравје во ладните езерски води.
Со одлука на Дебарско-кичевската епархија, празникот Богојавление-Водици беше одбележан само во црковните храмови. Верниците од утрото присуствуваа во црквите каде се служеа свети божествени литургии по што беа осветени езерските води.
Дел од присутните не ги почитуваа мерките за заштита од ковид-19 па полицијата ги споменуваше да носат маски и да држат дистанца.
Водици и Богојавленските празници, пред сè скокањето по крстот и Денот на рибарите во Охрид години наназад привлекуваа повеќе илјади туристи од Македонија и соседните држави.
С. ВРЕНЦОВСКА