На сегашната откупна цена од 18 денари за килограм оризова арпа, министерот за земјоделство Љупчо Николовски нуди пет денари субвенција за секој килограм откупена арпа на преработувачите.
Според министерот, оваа родна година се очекува откуп од 18 до 20 илјади тони ориз. Досега биле откупени околу 20 проценти, но како стимул се нудат субвенции од пет денари за килограм оризова арпа. Оваа и некои други мерки, како што се инвестиции за Институтуот за ориз во Кочани, министерот Николовски ги соопшти на средбата со оризопроизводителите во Штип.
Меѓутоа, тие веднаш го искажаа своето незадоволство и од откупната цена и од субвенциите, затоа што, како што рекоа, цената од 18 денари не ги покрива ниту најосновните трошоци.
„Дел од производителите веќе реализираа некаков откуп, што значи тој дел не може да влезе во новата мерка. Затоа предлагаме субвенција не од продаден килограм арпа, туку од хектар добиен ориз. Плус тоа, оваа мерка е со ограничен период и нема да бидат опфатени сите производители, а во врска со откупната цена, таа треба да изнесува најмалку 25 денари“, велат од синдикатот на земјоделците.
Министерот Николовски на средбата беше категоричен дека оваа предлог-мерка засега е најдобрата варијанта и како таква, ќе биде презентирана веќе на првата наредна седница на Владата.
Т. ЈОВАНОВСКИ