Министерството за култура не знае кој ги врши испитувањата дали е безбедна опожарената челична конструкција на Универзална сала. Во одговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК, од Министерството велат дека испитувањата ги прави Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), а на објектот работи приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на Михаил Гаревски.
„Од страна на изведувачот известени сме дека е направена првична проценка од страна на ИЗИИС и дека во тек е детално лабораториско испитување на состојбата на конструкцијата, исто така од ИЗИИС. По обезбедувањето на извештајот и во зависност од состојбата и насоките дадени во истиот, изведувачот ќе продолжи со изведбата“, стоеше во одговорот кој го добивме од Министерството за култура.
По објавувањето на текстот „ИЗИИС почна со испитување на челичната конструкција на опожарената Универзална сала“ во редакцијата се јавија од ИЗИИС, велејќи дека се изненадени оти нивната институција се споменува дека работи на концертната сала и дека тоа не е точно.
Гаревски, пак, ни потврди дека тој ги врши испитувањата, велејќи дека е ангажиран од фирмата-изведувач „Универзал-Балкан“ и дека нивни екипи веќе работат на објектот. Гаревски на својот фејсбук профил на 11 мај објави слика како работи во Универзална и напиша „Ќе ја биде“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска неколку дена по пожарот рече дека експерти од ИЗИИС и Градежен факултет ќе вршат испитувања на челичната конструкција за да се види дали е оштетена. Но, ниту Градежен факултет не е вклучен во испитувањата. Оттаму ни рекоа дека фирмата-изведувач побарала од нив понуда, но откако им била испратена, никој не им одговорил, ниту побарал нивни стручни тимови да бидат вклучени во испитувањата.
Приватниот институт на Гаревски беше ангажиран да ги врши испитувањата и на опожарениот мост „Беласица“ во Скопје.
А. АНТЕВСКА