Премиерот Христијан Мицкоски при денешната работна посета на Битола, изврши увид и на изградбата на новиот булеварски влез во Битола и рече дека не е задоволен од динамиката со која се гради. Мицкоски го стави камен-темелникот на 26 јули 2024, а тогаш како изведувач на проектот беше посочена градежната компанија „Гранит“.
„Морам објективно да кажам дека и покрај сето она што го прави Општината, за жал, не сум задоволен од динамиката на изведување на работите. И ова е порака пред сѐ до изведувачот зашто имаме само уште седум-осум месеци до рокот, а не е ни 30 проценти од тоа што е договорено завршено. Очекувам да се забрза динамиката и да се испочитува рокот, бидејќи тоа предизвикува непријатно чувство и фрустрација кај битолчани. Тоа што можев да го видам не соодветствува со тоа што треба да биде динамика и лично ќе го следам развојот на тој проект“, рече Мицкоски.
Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека булеварскиот влез од страната на Прилеп е голем проект кој го иницирал и премиерот Мицкоски зашто градот со децении нема влез каков што заслужува. Рече дека од предвидените 1,3 километри, се извршуваат градежните работи на првите 800 метри, со комплетна замена на инфраструктурата.
Булеварскиот влез, со ширина од 27,5 метри, ширина на двата коловози од по 7,5 метри, со урбано уредена површина која ќе ги разделува двата коловоза со пешачки и велосипедски патеки од 5,5 метри по страните, ќе се гради до клучката каде ќе се поврзува со автопатот од Прилеп, кој исто така е во изградба.
Ж. ЗДРАВКОВСКА