Дел од младите кои не ја напуштија Битола интензивно учат компјутерски вештини за да најдат посолидни работни места. На интернет секој ден се објавуваат огласи за изучување на најактуелните области од информатичките технологии, па дури и меѓународните образовни фондови поддржуваат проекти за информатичка обука на млади невработени лица.
„Дел од моите врсници веќе си заминаа во странство, но мојата цел е да останам во Битола и тука да работам“, вели 27-годишната битолчанка Мила Недановска.
Таа е еден од учесниците во проектот Design Your Job (Дизајнирајте ја вашата работа) за преквалификација на млади и невработени лица, финансиран од програмата Еразмус плус, а на кој учат 3-Д моделирање и дизајнирање видеоигри. Учесниците со завршени различни факултети, а некои и без високо образование, посетуваа работилници во Битола и Нови Сад, па од почетничко ниво минаа десет месеци интензивно работеа.
„Сега сме подготвени да почнеме да работиме во некоја фирма. Но, да е тука, во Битола. Една од поважните цели на проектот е младите луѓе да останат тука, да не се иселуваат. Последните неколку години ние сме сведоци дека во Битола почнуваат да се отвораат повеќе ИТ компании и дека на младите буквално им се зголемуваат можностите да почнат да работат тука. Дел од моите врсници се веќе иселени и тоа сите со факултети, но има и такви кои сакаат да останат“, вели Недановска.
Проектот е создаден да помогне во решавањето на еден од најголемите проблеми во регионот на Западен Балкан, а тоа е невработеноста на младите луѓе и нивното масовно иселување.
„Според наши истражувања, голем број млади се иселуваат надвор од државата, но и се отвораат компании кои нудат можности за вработување токму во ИТ секторот. Проектот го направивме за да извршиме преквалификација на млади луѓе за да можат да најдат работа во својата држава“, вели Катерина Поповска, генерален секретар на „Сфера интернешнал“.
Нема точна и официјална статистика колку млади од Битола се иселени. Сепак, во последно време се јавуваат и иницијативи за останување во Битола, како и против стереотипите во јавноста дека сите паметни си заминале од градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА