МЛАДИОТ КРОМИД ОД РОСОМАН СЕ ПРОДАДЕ ВО ХРВАТСКА ЗА ВЕЛИГДЕН СО ДОБРА ЦЕНА И ГОЛЕМ ОТКУП

    МЛАДИОТ КРОМИД ОД РОСОМАН СЕ ПРОДАДЕ ВО ХРВАТСКА ЗА ВЕЛИГДЕН СО ДОБРА ЦЕНА И ГОЛЕМ ОТКУПЕден килограм млад кромид се откупува за 70 до 75 денари, а во Хрватска се носи со шлепери. (Фото: СДК.МК)

    Градинарите од регионот на Росоман, кој е најголемиот одгледувач на млад кромид во земјава, се задоволни со годинашните откуп и цена. Заклучно до пред Велигден, кој годинава е во исто време за католичките и православните христијани, за оваа градинарска култура има голем интерес за откуп, но не само во Македонија, туку и во странство.

    „Годинава има голем интерес за младиот кромид. Еден килограм се продава за 70 до 75 денари, а лани беше 65-70 денари. Има откуп за Хрватска, се носи со шлепери. Затоа и по пазарите има цена од 15 до 20 денари за врзоп. Можам да кажам дека сме задоволни и од цената и од откупот. Но, од 22 април, по празникот, таа осетно ќе падне, ама ќе се држи до 1 мај, потоа и ќе нема млад кромид“, вели производителот Петре Миновски од Росоман.

    До пред пет години, најголем одгледувач на млад кромид во Македонија беше Башино Село, Велешко. Таму неколку години ја нема вообичаената пролетна слика на бројни производители и откупувачи на оваа раноградинарска култура. Низ годините, малку локални семејства садат кромид оти младите не се заинтересирани, па возрасните останаа да ги работат бавчите.

    „Младите се вработија во странски фирми кои дојдоа во Македонија. После работа одмораат, не им е до бавчите и фолиите и така дојде време да нема кој да го одгледува младиот кромид. Остана повозрасните да го работат, а колку можат тие да работат?“, велат жителите на Башино Село.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира