Зголемен е бројот болни од коронавирус на хоспитализирани на Инфективното одделение во Велешката болница, зголемен е бројот и на пациенти кои се на кислородна поддршка, а расте и бројката на починати оваа седмица во Велешко. Денеска до пладне во Општата болница има хоспитализирано 49 пациенти, 18 од нив се на кислородна поддршка и двајца пациенти се починати, а за неделава се вкупно пет жртви на последиците на коронавирусот.
„Пациентите кои во поголем број се хоспитализирани се над 50 до 80-годишна возраст. Повозрасните се со попратни болести и се во потешка состојба, тие се на кислородна поддршка, затоа се зголемува и оваа бројка. Нема млади, нема деца кои се наши пациенти. Но има ситуација кога цели фамилии се заболени и највозрасниот секогаш има најмногу здравени проблеми и тоа лице е згрижено на Инфективно. Многу имаме возрасни на одделението“, кажа инфектологот д-р Силвана Мишкова, началничка на Инфективното одделение во болницата.
Дополни дека ако продолжи овој тренд ќе биде потребно да се активира и модуларната болница наменета за ковид болни. Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес потврдуваат дека има зголемување на бројот на ковид позитивни.
„Според епидемиолозите, во новите случаи е присутен британскиот сој. Заразени се сите возрасни групи, главно тинејџери, потоа следат постари лица, пензионери додека најмалку има деца од школска и претшколска возраст“, рече д-р Весна Николовска-Неделкова, директорка на ЦЈЗ Велес.
П. ПЕЧКОВ