Мнозинството од Советот на Општина Битола не го прифати предлогот на советникот Димитар Кузмановски од ЛДП да се донесе заклучок со кој ќе се побара од Владата процентот за исплата од 5 отсто за штетите од земјотресот во 2022 година да се зголеми за дополнителни 95 проценти, односно обештетувањето да биде 100 проценти од утврдената штета. Предлогот беше отфрлен со 17 гласови „против“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата и ЗНАМ, а 14 советниците од опозицијата гласаа „за“.
„Пред две недели бевме на потсмев на целата македонска јавност за обештетувањето од земјотресот. Да се донесе одлука од Владата за обештетување од 5 отсто за жителите на Битола е срамна зашто целата штета беше само 600.000 евра. Ги натеравме граѓаните да вадат слики од штетите, имотни листови, да прават трошок од 500 денари, а добија обештетување од 100 до 750 денари. Општината за една година направи проценка на штета и потроши некаде околу 15.000 евра, тоа се големи средства, а добивме само 29. 000 евра од страна на Владата“, рече Кузмановски.
Со тоа што точката не беше ставена на дневен ред, по неа не се отвори ни дискусија во Советот. Седниците се пренесуваат на јутјуб канал во живо, па мнозинството не кажа јавно од говорница зошто гласаше против.
- ОД 1.600 ДО 2.400 ЕВРА ЗЕЛЕ ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО БИТОЛА, А ОШТЕТЕНИТЕ БИТОЛЧАНИ ДОБИЈА ВО ПРОСЕК ПО 12 ЕВРА
- ТАЈНА СЕ ХОНОРАРИТЕ НА ПРОЦЕНИТЕЛИТЕ НА ШТЕТА ОД БИТОЛСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО 2022, ОШТЕТЕНИТЕ ГРАЃАНИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПО 732 ДЕНАРИ ВО ПРОСЕК
- ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ НИ ИСПЛАТИЈА САМО 5 ОТСТО ОД ОТШТЕТАТА, ДОВОЛНО САМО ЗА КАНТА БОЈА, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИ ЧИИ КУЌИ БЕА ОШТЕТЕНИ
САКАМДАКАЖАМ.МК уште на 12 февруари достави прашања до Опшптина Битола, каде локалната власт е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали по реакциите на битолчани ќе побараат од Влaдата да ја смени одлуката и да биде доделен поголем процент. Но, одговор до денес не добивме.
Во јануари 2022 Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Нaјсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница, згради и индивидуални куќи.
Иако проценката на штетите беша направена истата година и елаборатот испратен до Владата, таа по скоро две години, во октомври 2024, донесе одлука за обезбедување парична помош од буџетот во износ од 5 проценти. Средствата беа префрлени на наменска сметка на Општина Битола на крајот на 2024, а исплатата започна дури во февруари 2026, односно 4 години по земјотресот.
Битолачни добија 5 проценти од вкупната штета проценета на околу пола милион евра (35.690.926 денари). Над 2.400 физички и правни лица кои имаа пријавено штети, во просек добија по 732 денари. Но, имаше и граѓаните кои не добија ни 100 денари, па не можеа да купат ни четка за бојадисување.
Наспроти оштетните граѓани, на седум лица чии имиња се спомнуваат во Комисијата за проценка на штетите, според податоците на порталот „Отворени финансии“, Општината им исплатила вкупно околу 14.000 евра или од 1.600 до 2.400 евра по член.
Членовите на Комисијата, петмина експерти и 15 лица вработени во Општината беа објавени во Службениот гласник на Општина Битола. Но, само за седуммина од нив, двајца експерти и петмина општински административци на „Отворени финансии“ има податоци дека им биле исплатени пари на 13. 10.2023 година. Едниот од експертите, по професија градежен инженер, зел 151.039 денари (над 2.400 евра), а другиот дипломиран правник 135.000 денари (околу 2.200 евра). Лицата од администрација истиот ден зеле од 1.650 евра до 1.980 евра. Вкупно кон проценителите биле исплатени 843.210 денари, (околу 14.000 евра).
Според објавите во Службениот гласник, за проценка на штетите земале по 360 денари од предмет што би дошло околу 2.342 решени предмети.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



