Во последните недели бројот на заболени од ковид-19 во Тетовско е во опаѓање, но и покрај тоа, во кругот на Клиничката болница интензивно се подготвува модуларна ковид болница. Градежните работи се завршени и сега се работи на опремување на внатрешноста.
„Изградбата на објектот е при крај, сега се поставуваат санитарни уреди и електрична инсталација, па очекуваме за една до две недели болницата да биде комплетно готова. Таа има капацитет за 35 пациенти и е со површина од 590 квадратни метри“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор на Ковид центарот во Тетово.
Овој месец се бележи значително опаѓање на бројот на заболени од ковид-19 во Тетовско, но здравствените работници велат дека нема простор за опуштање и мора доследно да се применуваат пропишаните мерки.
„Сега има 15 хоспитализирани лица, од кои 10 се со потешка клиничка слика. Можеме да кажеме дека бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 е преполовен во однос на тоа колку беа пред само еден месец. Деновиве е зголемен бројот на лицата кои се прегледуваат во амбулантите и тој изнесува околу 35 дневно. Сами баравме од луѓето кои имаат макар и мали симптоми веднаш да дојдат во Ковид центарот и да се испитаат“, додава Нуредини.
Сега во Тетовскиот регион има 316 активни случаи на коронавирус, додека пред неполн месец, на 28 декември, беа 878.
З. АНДОНОВ