МОРА ДА ПОСТАПУВАМЕ ПО СУДСКИТЕ ОДЛУКИ, НО РАЗГЛЕДУВАМЕ МОЖНОСТИ ЗА ДА ИМ ИЗЛЕЗЕМЕ ВО ПРЕСРЕТ НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ОД БИТОЛА КОИ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    МОРА ДА ПОСТАПУВАМЕ ПО СУДСКИТЕ ОДЛУКИ, НО РАЗГЛЕДУВАМЕ МОЖНОСТИ ЗА ДА ИМ ИЗЛЕЗЕМЕ ВО ПРЕСРЕТ НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ОД БИТОЛА КОИ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОШест медицински сестри од Битола останаа без работа по правосилна судска пресуда од Апелациониот суд за спор во кој беше оспорен изборот на кандидати за медицински сестри по конкурс од 2018 година. - Здравствен дом Битола (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство ги разгледува сите формално-правни можности со кои евентуално би можело да се излезе во пресрет на случајот со шесте медицински сестри од битолскиот Здравствен дом кои останаа без работа. Но, напоменуваат дека се должни да постапуваат согласно прописите и судските одлуки, како во случајов. Ваков е одговорот од Министерството за здравство на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали може да преземе мерки за помош на медицинската сестра со патолошка бременост, која по отказот добиен по судска пресуда, остана и без породилно отсуство и надоместок, а работеше во услови на коронакриза.

    „Според добиените податоци од Здравствениот дом во Битола, работниот однос на медицинските сестри е прекинат поради извршна судска одлука по која установата е должна да постапи. Вработувањата во сите јавно-здравствени установи се вршат согласно закон и по постапка утврдена од страна на Законот за вработени во јавниот сектор. Министерството за здравство, како и сите здравствени установи мораат да постапуваат по судските одлуки“, пишува во одговорот од ресорното Министерство.

    Шесте медицински сестри останаа без работа по правосилна судска пресуда од Апелациониот суд за спор во кој беше оспорен изборот на кандидати за медицински сестри по конкурс од 2018 година. Пресудата со која делумно се поништува изборот на шесте медицински сестри од девет примени на работа е донесена во јуни годинава. Конкурсот го обжалија две од кандидатките кои имаа повеќе освоени поени од дел од медицинските сестри кои добија работа.

    Директорката на Здравствениот дом Весна Спиркоска рече дека отказите не се по нејзина волја, туку по извршна судска одлука која морала да ја почитува, а во која не се амнестира никого, ни медицинската сестра која има патолошка бременост и останува без породилно отсуство и надомест.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира