Комплексни се причините за лошата состојба на дел од мозаиците во Хераклеја и апсурдно е да се тврди дека оштетувањата се резултат токму на откривањето на мозаиците, изјави преку соопштение директорката на Завод и музеј – Битола Мери Стојанова. Вчера, ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека со договор на дело го ангажирала син ѝ со неколкумина другари да ги откријат мозаиците во локалитетот надвор од стручен надзор и оперативен распоред за работа, па настанале и оштетувања. Заштитата на мозаиците со песочно покривање се врши во зима поради ниските температури и снегот, а на пролет се откриваат и стануваат достапни за јавноста.
Во соопштението, Стојанова нема напишано кои се комплексните причини за лошата состојба на мозиците, но најави голем конзерваторски проект за кој јавноста наскоро ќе чуе.
„Познавачите на проблематиката многу лесно ги утврдуваат небулозите произнесени во јавноста, без никаква поткрепа и факти. Грижата за културното наследство можеме да ја изнесеме преку бројки. Во изминатите неколку години институцијата има најголем буџет во државата, во делот на заштитата се движи над 25.000.000 денари, средства доделени од Министерството за култура. Во изминатите три години дополнително обезбедивме преку 350.000 евра од странски фондови, што не било случај со десетици години порано, а можеби и никогаш. Токму еден од тие проекти е досега најголемиот конзерваторски проект на мозаичните површини и градби во Хераклеја, за кој јавноста наскоро ќе има можност да чуе многу повеќе“, пишува Стојанова.
За ангажирањето на лицата за откривање на мозаиците, таа посочува дека и во многу проекти и претходно биле вклучени деца на вработени кои имале афинитети кон заштитата.
„Во сите установи од заштитата, на безброј проекти, по потреба биле ангажирани млади луѓе, дел од нив деца на вработени, кои имале афинитети за оваа област и кои подоцна се профилирале за професии поврзани со заштитата на културното наследство. Впрочем и ние, кои сега сме вработени, така сме ја стекнале љубовта кон професијата. Ангажираните млади од страна на Завод и Музеј, континуирано работеле само затоа што совесно и чесно ја извршувале својата работа и ништо друго. Доколку и досега се работело несовесно, должност на стручните лица била да се извести и да се отстранат недоследностите, што очигледно не било случај“, вели Стојанова.
Во соопштението пишува дека нема да дозволи ни неа, ниту институцијата „некои кои се декларативно загрижени да ги внесат во мрежата на лаги и матни игри“.
Во изминатите години во јавноста во повеќе наврати беше пишувано, а имаше и ендоскопско снимање, дека оштетувањата се должат на методите на реставрација и конзервација од минатото, кои во денешно време ги покажуваат своите слабости. Во минатото се користела како најсовремена метода цементната подлога за која се мислело оти ќе е и постојана. Но, иако тогаш ги имала позитивните карактеристики, сепак не можела да одолее на атмосфрските прилики. Од денешен аспект се покажува дека таа е тврда, подложи на промени кои ги трпи и мозаикот, кој подоцна пука.
Ж. ЗДРАВКОВСКА