Вчера попладне околу 16 часот, во близина на Мало мовче во центарот на Велес видена е мрша од свиња во водите на реката Вардар. Минувачите кои тогаш го преминувале мостот биле зачудени од глетката. Еден од нив и ја фотографирал пцовисаната свиња и фотографиите ги достави до медиумите.
„Во моментите кога земјава се бори да не влезе африканса свињска чума, среде град, во реката Вардар има мрша од угината свиња. Не знаев каде требна да се јавам, да реагирам. Кога после половина час повторно минав, свињата ја немаше. Којзнае дали Вардар ја однел, оти има мошне ниско ниво на проток. Дали можеби некој ја земал и месото ќе заврши на трпеза, а не е испитано, не знам, но остануваат дилемите“, вели велешанецот кој ги достави фотографиите.
Директорот на агенцијата за храна Зоран Атанасов завчера во Велес апелираше до сопствениците кои одгледуваат свињи во домашни услови во кочини, дека најдобро во овој период е да ги заколат во кланица и да го сочуваат месото во своите фрижидери, за сопствени потреби. Атанасов кажа дека од 12 август официјално е потврдено дека болеста африканска свинска чума е присутна во Србија, по што Агенцијата за храна издала забрана за увоз и транзит на живи животни, како и забрана на увоз на производи од свинско месо од оваа држава. Тој тврди дека не е можно во овој меѓупериод во Македонија да влегло заразено свинско месо и дека потрошувачите можат да бидат спокојни.
„Забраната е на снага, но претходно имавме решение сите пратки со свинско месо да се контролираат на граница и да се земаат примероци и дури не се добијат резултатите не можеше да се внесе и пушти во промет. Мерки преземавме пред да се објави веста за забраната. Што се однесува до дивите свињи кои ќе бидат застрелани со предвремениот отстрел, со секоја група ловци ќе има и инспектор. Ќе се врши контрола, ако месото е со негативен резултат може да се користи, ако е со позитивни ќе се уништува“, рече пред два дена Атанасов на состанокот со Ловечкиот сојуз, каде беше објавено дека Агенцијата за храна донела решение за предвремен почеток на сезоната на отстрел на диви свињи заради спречување на африканската свинска чума.
Риболовците од Велес посочуваат дека имало бројни случаи кога по Вардар пловеле угинати свињи, кои сопственици наместо во јами ги фрлаат во реката.
П. ПЕЧКОВ