На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово се одржува тридневна меѓународна научна конференција насловена „Мултикултурно образование“. Организатори се невладината организација „Лоја“ од Тетово и Факултетот за современи општествени науки при УЈИЕ. Ова е прва ваква конференција која се одржува на Универзитетот и се одржува во хибриден формат, па дел од учесниците дебатираат преку интернет.
„Со оваа конференција сакаме да добиеме повратен одговор, не само теоретски, туку и во практична смисла, од луѓе кои се практичари на овие идеи, кои имале искуство во нашиот турбулентен регион и во турбулентни времиња како што се овие сега. Се надевам на една отворена дебата за да може заеднички да ги разгледаме сите наши постигнувања и да видиме како може да се подобри иднината“, изјави Бујар Љума од невладината организација „Лоја“.
На оваа меѓународна конференција учествуваат претставници од пет домашни универзитети, како и од странски образовни установи и институти и експертите ќе ги презентираат своите научни сознанија и искуства од областа на мултикултурното образование.
„Мултијазичноста и мултикултурноста во општеството не се пресликуваат во реалниот сектор, особено не во високото образование. Тоа не е така едноставно во општество во кое има големи предрасуди. Преку оваа конференција сакаме да споделиме добри практики од вистински актери во спроведувањето на мултикултурното образование и да добиеме повратни информации за тоа како се спроведува во високообразовните институции“, изјави ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети.
Главни говорници ќе бидат Кшиштоф Чижевски од Полска, Ања Петц од германскиот Центар за обука и вмрежување и поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер.
З. АНДОНОВ