МУЗЕЈСКИ ПРОСТОРИИ ВО СПОМЕН-ДОМОТ НА БРАЌАТА МИЛАДИНОВЦИ ВО СТРУГА ДА СТАНАТ КАНЦЕЛАРИИ, БАРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗАРАДИ ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ

    МУЗЕЈСКИ ПРОСТОРИИ ВО СПОМЕН-ДОМОТ НА БРАЌАТА МИЛАДИНОВЦИ ВО СТРУГА ДА СТАНАТ КАНЦЕЛАРИИ, БАРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗАРАДИ ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТДвете национални установи  Музејот „Д-р Никола Незлобински“ и Фестивалот Струшки вечери на поезијата кои користат дел од овие простори не се согласуваат со ваквата одлука, оценувајќи дека со пренамената ќе се наруши нивното редовно функционирање. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура и туризам бара дел од просториите во Спомен-домот на Браќата Миладиновци во Струга, да бидат пренаменети во административни канцеларии за вработените во струшкото Одделение за поддршка на туризмот.  Двете национални установи  Музејот „Д-р Никола Незлобински“ и Фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП) кои користат дел од овие простори не се согласуваат со ваквата одлука, оценувајќи дека со пренамената ќе се наруши нивното редовно функционирање.

    Во просторијата на Музејот е сместена дел од постојаната музејска поставка, а таа се користи и за организирање мултимедијални настани и едукативни предавања за ученици. Просторијата што ја користат Струшките вечери на поезијата, пак, претставува депо во кое се чува вредна архивска и музејска граѓа од претходните изданија на фестивалот. Станува збор за материјали што установата е должна да ги чува под посебни услови, а нивно отстапување на други институции, како библиотеки или училишта, е можно единствено со одлука на Владата.

    „Просторијата што ја користат Струшките вечери на поезијата е место каде се чуваат вредни материјали од минатите изданија на фестивалот, за кои постојат законски обврски и посебни услови за нивно чување. Во моментов сме во комуникација со Министерството за култура и туризам и водиме разговори за да се изнајде друго, соодветно решение, кое нема да го наруши работењето на двете институции и ќе овозможи зачувување на нивната културна дејност“, изјави директорот на СВП Никола Кукунеш.

    Во допис потпишан од министерот Седат Сулејмани, Министерството за култура и туризам останува на претходно донесената одлука и бара привремено отстапување на простории во објектот на Спомен-домот на Браќата Миладиновци во Струга. Според дописот, дел од просториите што ги користат  Музеј „Д-р Никола Незлобински“ и Струшките вечери на поезијата треба да бидат ослободени за сместување на вработените од Одделението за поддршка на туризмот – Струга, сè до обезбедување трајни простории во објектот „Раднички“ во Струга.

    Во документот Министерството наведува дека со оваа одлука нема да се нарушат секојдневното работење и програмските активности на двете национални установи, а постапката за ослободување на просториите требало да биде завршена најдоцна до 1 август 2026 година.

    Од Комисијата за култура на СДСМ реагираат дека во Струга постојат други административни простори и оценуваат дека музејските објекти не смеат да се пренаменуваат во канцеларии. Според нив, Спомен-домот на Браќата Миладиновци мора да остане исклучиво во функција на музејската дејност, зачувувањето на културното наследство и промоцијата на македонската литература и историја.

    Од Комисијата бараат Министерството за култура и туризам веднаш да ја повлече одлуката, а музејската поставка во целост да остане достапна за јавноста.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира