Музичарот Илија Ќосевски е нов директор на државноот средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип. Тој е професор во училиштето и на функцијата доаѓа по оставката на колега Горан Кавраков.
„По закон и по сите прописи и крајно колегијално имавме примопредавање на функцијата, при што си рековме дека во интерес на училиштето е да соработуваме во реализацијата на започнатите, но и на новите проекти што ќе уследат во наредниот период. Првиот нареден проект е традиционалниот новогодишен концерт“, кажаа новиот и претходниот директор кој останува во училиштетпо како професор по саксoфон.
Ќосевски е дел од штипското музичко училиште уште од својата најрана возраст посетувајќи го основното музичко школо, а во истото училиште го завршува средното образование на отсекот за традиционални македонски народни инструменти кај професорот Горан Ангелов-Гајда. Дипломирал на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Драган Даутовски.
На музичката јавност ѝ е познат и по учеството на Музичкиот фестивал „Макфест“ во изминатите 17 години, почнувајќи од 2007 кога три години учествува како пејач, а подоцна и како композитор и аранжер, како што тоа беше случај со победничката песна во 2011 „Ангели и демони“ која ја пееше Зоран Илиев. Ќосевски на годинашниот „Макфест“ беше компoзитор и аранжер на баладата „Себично“ во изведба на поп-пејачката Ивона Јо.
Т. ЈОВАНОВСКИ