МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ТЕТОВО ДОБИ НОВО ПИЈАНО ЗА КОЕ ВЕЛИ ДЕКА Е НАЈДОБРО ВО МАКЕДОНИЈА

    МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ТЕТОВО ДОБИ НОВО ПИЈАНО ЗА КОЕ ВЕЛИ ДЕКА Е НАЈДОБРО ВО МАКЕДОНИЈАБидејќи се работи за мошне вреден инструмент, беа потребни посебни услови за негови транспорт и монтажа, што се одвиваше под стручен надзор на Иво Настевски (Фото: СДК.МК)

    Пред околу 30 години, за државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово беше набавено концертно пијано, инструмент за кој постоеше голема потреба, како за училиштето, така и за градот. Оттогаш, на овој инструмент биле изведени безброј композиции, како од ученици на училиштето, така и од професионални музичари. Деновиве, ова училиште доби ново концертно пијано од врвната марка „Бехштајн“.

    По триесетина година добиваме полуконцертно пијано од марката ‘Бехштајн‘. Министерството за образование ја согледа нашата голема потреба и ни обезбеди средства за да може училиштето да добие вакво пијано. Имавме навистина голема потреба од овој инструмент. Постоечкото пијано е старо речиси 30 години и веќе е прилично дотраено, но секако ќе продолжиме да го користиме, особено што сега ќе можеме да изведуваме и композиции за две пијана. Новото пијано ќе се користи во секојдневната настава, за концерти, натпревари, семинари и разни други музички активности кои се одвиваат во училиштето“, кажа Новица Соколовски, директорот на „Тодор Скаловски-Тетоец“.

    Пијаното е произведено во компанијата што ја основал Германецот Карл Бехштајн, фирма со 160 години традиција. На клавирите „Бехштајн“ музицирале и големи имиња и виртуози како Франц Лист, Рихард Вагнер и Клод Дебиси. Денес „Бехштајн“ важи за најголемиот европски произведувач на клавири. Цените на врвните клавири се движат од 30.000 евра (колку што приближно чини и ова пијано) до 300.000 евра, а некогаш и повеќе, во зависност од големината на инструментот и нарачката.

    Пијаното е произведено во компанијата што ја основал Германецот Карл Бехштајн пред 160 години (Фото: СДК.МК)

    Бидејќи се работи за мошне вреден инструмент, беа потребни посебни услови за негови транспорт и монтажа. Пијаното спакувано во специјална амбалажа беше пренесено во посебно опремено возило, по што со дигалка беше внесено во салата на училиштето. Бидејќи се работи за крајно чувствителен инструмент, целиот процес траеше неколку часа и се одвиваше под будно око и стручен надзор на Иво Настевски од фирмата „Критериум мјузик пијано галерија“, преку која беше набавено ова пијано.

    Да се направи транспорт на пијано е тешка работа и мора многу да се внимава. Притоа мора да се работи според пропишани стандарди. Превозното средство со кое се носеше инструментот беше климатизирано за да се одржува одредена температура во кабината. Кога се транспортира едно вакво концертно пијано тоа задолжително треба да биде поставено во вертикална положба. Сѐ треба да се прави крајно внимателно и без брзање“, вели Настевски.

    Но, откако ќе се внесе пијаното во просторијата каде што ќе биде поставено, не завршува работата.

    Кога инструментот ќе се постави на сцената, започнува процесот на отстранување на транспортната амбалажа, што исто така се спроведува според дадена процедура. Откако ќе се постават трите нозе на пијаното и педалите, следува превртување на пијаното од вертикална во хоризонтална или, како што велиме, свиречка положба. Следно е ослободување на механиката која е блокирана поради транспортот. Откако ќе се заврши сето ова, пијаното е подготвено за свирење“, ја објаснува процедурата Настевски.

    Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ е формирано во 1950 година како нижо музичко училиште. Од 2004, во училиштето работи и средно музичко училиште, а има подрачно училиште и во Струга. Во него учат околу 600 ученици, од кои 250 изучуваат пијано.

    Ова е прво пијано од оваа марка во Македонија. Затоа можам да кажам дека Тетово го има најдоброто пијано во цела Македонија“, вели Настевски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира