Со музикотерапија ќе им се помага на тетовските деца со посебни потреби. Ваква едукативна работилница е отворена во Тетово и ја посетуваат дваесетина деца со посебни потреби. Музиката има големо влијание врз лицата со посебни потреби, а посебно врз ваквите деца, таа ги смирува и релаксира и пред сé им е една прекрасна забава, вели професорот по музика Илир Адеми, кој како волонтер работи со овие деца.
„Чувството да се работи со овие деца е прекрасно. Музикотерапијата за овие деца е многу добра метода за развивање на комуникацијата преку музиката, песната, играта. Ова кај нас е нова дисциплина, но и покрај тоа за ова кратко време постигнавме навистина убави резултати. Еден час ни трае околу четириесетина минути, односно во зависност од расположението на детето. Им даваме целосна слобода во нивното изразување, пеат или свират што сакаат, често пати нешто импровизираме кога свириме. Тие сакаат да пробаат да свират на различни инструменти. Немаме некоја стриктна задача дека мора да научат некоја песна или да се научи некоја мелодија, туку се обидуваме низ песната и свирењето да ја почуствуваат музиката. И што е најважно, после секој час ја чуствуваме нивната смиреност и задоволството од убаво поминатите моменти“, вели професорот Адеми.
Меѓу децата кои ја посетуваат оваа музичка работиница има деца со аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа и други видови попреченост. Тие се од предшколска и школска возраст и освен видот на попреченост нив ги поврзува и љубовта кон музиката и можноста да произведуваат звуци на различни инструменти.
„Секое од овие деца си е посебно на свој начин. Некои многу сакаат да свират на ударни инструменти, други на ударачки инструменти, на некои многу им се допаѓаа звуците кои ги произведува гитарата или електричното пијано. Понекогаш битен е и моментот, па детето еден ден сака да свири на еден инструмент додека другиот ден на друг. Мене посебно ме радува што овие деца многу ја прифатија работата во музичката работилница и тоа ме мотивира и понатаму да продолжам да работам со овие прекрасни деца“, вели професорот Адеми.
Музичката работилница работи во рамките на Едукативно-консултативниот центар на здружението „Хенди Мак“ од Тетово кој е финансиски подржан од Фондацијата Отворено општество.
З.АНДОНОВ