НЀ ТЕРААТ ДА ПОТПИШЕМЕ ДЕКА СВИЊИТЕ НИ СЕ БОЛНИ ОД АФРИКАНСКА ЧУМА И ПОКРАЈ НЕГАТИВНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, ОБВИНИЈА СТОЧАРИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО ЉУБОДРАГ

    НЀ ТЕРААТ ДА ПОТПИШЕМЕ ДЕКА СВИЊИТЕ НИ СЕ БОЛНИ ОД АФРИКАНСКА ЧУМА И ПОКРАЈ НЕГАТИВНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, ОБВИНИЈА СТОЧАРИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО ЉУБОДРАГЖителите го блокираа стариот пат Куманово-Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на кумановските села Љубодраг, Умин Дол и Ново Село, денеска со механизација два часа го блокираа стариот пат Куманово-Скопје, во знак на револт што од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавиле дека ќе ги уништуваат свињите што ги одгледуваат и покрај тоа што не се заразени од африканска чума. Тие обвинуваат дека целата постапка е многу нелогична, се соочиле со бројни проблеми и затоа бараат таа да се повлече.

    „Сакаме да го искажеме нашиот револт во однос на несоодветната работа на Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, бидејќи анализите за крв се земени пред еден месец, а досега никој не дојде да ни каже каква е работата. Во еден случај е откриена африканска чума и таа фарма е затворена, уништени се над 15 свињи и 50 прасиња, а сега има најава дека сакаат да ги уништат сите свињи во селото. Ние не сме против да се уништат свињите ако се болни, ама вака не знаеме што да правиме, на кого да му веруваме и на кого да се обратиме. Притоа, никој не кажува по која цена и кога ќе нè обештетат. Ги поканивме сите надлежни да дојдат на протестот, ама како што гледате нема никој“, вели Бобан Лазиќ, претседател на месната задница Љубодраг.

    Жителите тврдат дека сите добиле потврда оти свињите им се негативни на африканска чума, за да пред извесно време им биде понудено да потпишат решенија дека се болни. Поради тоа, тие се сомневаат дека некој манипулира со нивната мака.

    „Во петокот, по телефон ми кажаа дека резултатите се негативни. Во понеделникот кога отидов да го земам документот ми викаат да потпишам решение дека свињите ми се позитивни, и да ги заколеме. Јас не прифатив и барав да ми дадат потврда дека резултатите се негативни. Сега доаѓаат по куќите и ги тераат луѓето да потпишат. Како може во петок резултатите да се негативни, а од понеделник да ни тврдат дека се позитивни? Срамота е ова што ни го прават. Цела година го чуваме добитокот и сега пред зима да ни ги земат“, вели жителка на Љубодраг која заедно со своите соселни најавуваат граѓанска непослушност.

    Жителите ја обвинуваат државата дека го уништила земјоделството и сточарството со негрижа и непромислени мерки. Тие најавуваат дека доколку не се прифати нивното барање да не се уништат здравите свињи тие ќе ги радикализираат протестите и целосно ќе го затворат регионалниот пат Куманово-Скопје.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство вчера ни одговорија дека уништување на свињите ќе се врши само во селото Љубодраг, каде што е откриен случај на африканска чума, но не и во селата Умин Дол и Ново Село.

    „По потврдувањето на позитивен случај во село Љубодраг, каде се преземени потребните мерки и жариштето е сузбиено, врз основа на донесеното Решение за преземање на заштитни контролни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите, еутаназија на свињите со нивно нештетно отстранување ќе се спроведе само во населеното место Љубодраг, кое е во заштитната зона од 3 километри. Одгледувалиштата кои имаат имплементирано високи биосигурносни мерки имаат можност свињите економски да ги искористат со колење во кланица со која АХВ има склучено договор“, одговорија на нашите прашања од Агенцијата.

    Од таму додаваат дека во зоните под 10 километри, каде спаѓаат и Умин Дол и Ново Село, засега не се спроведуваат активности, но во наредниот период и таму ќе има одредени мерки со можност за економско искористување на свињите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира