НА 15 И 16 ДЕКЕМВРИ БЕСПЛАТНО СКИЈАЊЕ НА ПОПОВА ШАПКА ЗА ПОЧЕТОКОТ НА СКИЈАЧКАТА СЕЗОНА

    НА 15 И 16 ДЕКЕМВРИ БЕСПЛАТНО СКИЈАЊЕ НА ПОПОВА ШАПКА ЗА ПОЧЕТОКОТ НА СКИЈАЧКАТА СЕЗОНАЗимска скијачка сезона почнува на 15 декември со дводневно бесплатно користење на сите ски-лифтови и жичарници. (Фото: СДК.МК)

    Празникот, сончевото време и снежната покривка беа убав повод денеска на Попова Шапка да дојдат голем број посетители. Иако официјалната скијачка сезона уште не е започната, а ски-лифтовите не работат, триесетината и повеќе сантиметри снег што падна деновиве навестува дека оваа зимска сезона може да биде мошне успешна. Од ЕЛЕМ-Турс, фирмата која стопанисува со скијачките и со дел од угостителските објекти на Попова Шапка, најавија неколку новитети кои ќе им овозможат на посетителите поудобен престој на овој наш најголем зимски туристички центар.

    „Годинашнава зимска скијачка сезона ја започнуваме на 15 декември. По тој повод, на 15 и 16 декември секој кој ќе дојде на Попова Шапка ќе може бесплатно да ги користи сите ски-лифтови и жичарници. Во изминативе седум месеци, ние на Попова Шапка инвестиравме на неколку главни точки со кои сакаме да ја подобриме инфраструктурата на ски-центарот. Инвестиравме во нова ски патека долга 2 километра, на која ќе може да има и ноќно скијање. Исто така, за прв пат имаме поставено пет јавни тоалети, за што имаше долгогодишна потреба и барање од посетителите. Изградивме и две бачила, објекти каде скијачите можат да се одморат и да се освежат. Паркирањето на возилата, што е еден од најголемите проблеми на Попова Шапка, го ублаживме така што оспособивме уште два паркинзи со што добивме дополнителни 250 до 300 паркинг места. Исто така, планираме во време на викендите кога посетеноста е најголема, а возилата се паркираат и по неколку колометри подалеку, да воведеме бесплатен бус за превоз на посетителите до скијачките терени“, изјави Адем Авзиу, директор на ЕЛЕМ-Турс.

    Во настојувањето Попова Шапка да го поврати сјајот и значајот кој го имаше порано активно е вклучена и Владата.

    „Годинава, иако во услови на пандемија, направени се огромни работи во делот на подобрување на инфраструктурата, во делот на квалитетот на услугите што ги нуди Попова Шапка, а со цел да привлечеме што поголем број домашни, но и странски туристи. Ако продолжи да се работи на ваков начин, Попова Шапка, а зошто не и другите туристички центри во државата, можат да станат поконкурентни во регионот. Преку вакви инвестиции, преку подобрување на услугите на нашите туристички центри директно и индиректно ќе влијаеме и во економскиот развој на локално и на регионално ниво“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

    Бектеши исто така рече дека за Попова Шапка, но и за неколку други ски центри, се разгледуваат неколку опции, бизнис планови и понуди за начинот на приватизација. Се разгледуваат понуди за јавно-приватно партнерство како и за нивна целосна приватизација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира