НА 27 МАЈ ВТОРО ПРСКАЊЕ ПРОТИВ КОМАРЦИ ПОКРАЈ БРЕГАЛНИЦА И ОТИЊА, ОПШТИНА ШТИП ЗА 13.000 ЕВРА ЌЕ ИЗВЕДЕ ШЕСТ АКЦИИ

    НА 27 МАЈ ВТОРО ПРСКАЊЕ ПРОТИВ КОМАРЦИ ПОКРАЈ БРЕГАЛНИЦА И ОТИЊА, ОПШТИНА ШТИП ЗА 13.000 ЕВРА ЌЕ ИЗВЕДЕ ШЕСТ АКЦИИМинатата недела е извршена една заштита од глодари, а во наредните летни месеци ќе има најмалку уште пет превентивни прскања против комарци. (Фото: СДК.МК)

    Општина Штип, секоја година врши 5-6 третирања за заштита од комарци и глодари. Според општинската служба за општи работи и координаторот Тоше Фенев, минатата недела е извршена една заштита од глодари, а во наредните летни месеци ќе има најмалку уште пет превентивни прскања против комарци.

    „Направена е општа дезинсекција и дератизација на голем број општествени простории, вклучувајќи ја и градската канализациона мрежа каде најчесто голдарите и други штетници наоѓаат засолништа. Наредната акција од вкупно планираните 5-6 за оваа година ќе се спроведе на 27 мај, кога ќе се изврши предвидената превентивна заштита од комарци“, вели Фенев.

    Според склучениот тендерски договор, Општина Штип, таканаречената превентивна адултицидна дезинсекција за заштита од комарци ја спроведува со фирмата „Плант Медика“ од Куманово за годишен износ од 13.000 евра.

    Фенев вели дека за овие пари кумановската фирма исто како и лани и годинава ќе го спроведува севкупното третирање против комарци и глодари, како една превентивна форма за заштита од заразни болести.

    „Оценивме дека авионската заштита од комарците во изминатите години не даде некој голем резултат, па лани и оваа година се одлучивме за теренска заштита која фирмата задолжена за тоа је спроведува со свои специјални возила за такво хемиско третирање. Препаротот е избор на фирмата која наредната недела треба да ја изврши и првата ларвицидна дезинсекција“, вели Фенев.

    Според Фенев, кој лично присуствува за време практичната заштита, таа се реализира обично во вечерните часови после полноќ и трае до рано наутро. Под ваков заштитен третман се наоѓаат неколку десетици хектари зелена површина од јавен карактер, а најмногу во појасите покрај речните корита на Отиња која минува низ центарот на градот и на Брегалница која минува покрај најголемите населби во градот каде и од двете страни има повеќе од 10 километри пешачка патека.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира