Присуството на отровниот метал арсен, на две локации во тетовско, било утврдено од страна на стручните лица на Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес, кое заедно со Еколошкото движење „Еко Герила“ од Тетово работеле на проектот за утврдување на присутност на штетните метали во почвата во Велес, Тетово, Кавадарци им Скопје. Во тетовскиот регион биле испитани две локации од кои едната се наоѓаат во близина на Комбинатот „Југохром“ во Јегуновце а втората била во дворот на ОУ „Кирил и Методиј“ кое пак се наоѓа во близина на текстилната фабрика „Тетекс“.
„Зедовме примероци од почвата на длабочина од 20 и од 40 сантиметри од една нива која се наоѓа во близината на комбинатот „Југохром“ во Јегуновце а материјалите ги испитавме во овластена лабораторија во Велес. Резултатите покажаа дека на длабочина од 20 сантиметри во почвата на оваа нива имаше 2,5 пати поголемо присуство на арсен од дозволеното. Арсенот навлегол и подлабоко во почвата па високи резултати се забележани и кај мострите земени на длабочина од 40 сантиметри. На втора локација која е испитана, во дворот на училиштето „Кирил и Методиј“ во Тетово, исто така се забележани високи концентрации на арсен во почвата, слично како и во Јегуновце. Повисоки вредности на арсенот над дозволеното се забележани и кај одредени видови зеленчук“ изјави Кире Кочов од Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес.
Испитувањата се направени на само две локации што пак не значи дека целото полошко поле е загадено со високи концентрации на арсен. Се предвидува во наредниот период испитувањата да продолжат и на други локации за да се утврди каква е таму состојбата.
Професорот Бесник Реџепи од Универзитетот на Југоисточна Европа“ во Тетово зборуваше за штетноста на арсенот што ја има врз организмот на човекот и од потребата неговото присуство во почвата и во храната да се сведе на минимум.
„Не значи дека ако јадеш зеленчуци или салата значи дека јадеш здрава храна. Многу по битно е каде таквата храна растела бидејќи ако е одгледувана на загадена почна таа не е здрава туку е полна со штетни материи“ вели професорот Реџепи.
Стручните лица од „Вила Зора“ велат дека постојат повеќе начини за деконтаминација на почвата од тешките метали. Како еден од најуспешните, а и најевтин, е деконтаминацијата да се врши по пат на фиторемедијација, односно со садење на одредени растенија кои имаат способност да ги извлечат штетните елементи од почвата. Како најуспешно растение за таа намена се покажала маслодајната репка но, велат дека има уште неколку растенија со вакви способности.
З. АНДОНОВ