На иницијатива на македонските иселеници во Швајцарија, тамошната Општина Фриборг донираше возила и опрема на Општина Босилово во вредност од околу 80 илјади шварцарски франци. Станува збор за донација на функционална метларка за улици, камион, патнички возила како и контејнери и корпи за собирање комунален отпад, кои веќе стасаа во општинскиот центар и се предадени на комуналното претпријатие „Огражден“. За реализација на донацијата лобирал и Горан Мијалов кој потекнува од Босилово а е вработен во Општината Фриборг.
„Роден сум овде во Босилово, но уште како мал со семејството се преселивме во Фриборг. Таму работам како инженер во Општината и ја искористив врската со градоначалникот да се зајакне соработката меѓу Фриборг и Босилово. Се надевам дека оваа соработка ќе трае и ќе се развива на други полиња“, рече Мијалов.
„Донацијата е исклучително важна со оглед на нашите слаби финансиси ресурси како мала општина“, кажа градоначалникот на Босилово Ристо Манчев и се заблагодари на Фриборг. Рече дека со новите возила значително ќе се подобрат капацитетите на „Огражден“.
„Ние сме мала рурална општина и немаме доволно пари за да набавиме нова механизација. Последниве 18 месеци по пат на донации успеавме да го зајакнеме комуналното претпријатие. Успеавме да добиеме ново возило за собирање смет од јапонската амбасада, половно возило за собирање и депонирање отпад од Општина Струмица како и садови за собирање и селекција на отпад од неколку фирми. Најголемиот дел од донираните возила ќе бидат за ЈП ‘Огражден’, како за јавна чистота така и за интервенции на терен“, рече Манчев.
По примерот на Мијалов и иселениците во Швајцарија, се јавија и иселениците од населеното место Петралинци кои живеат во повеќе европски држави. Тие набавија и донираа трактор со приколка за потребите на комуналното претпријатие за собирање и транспорт на кабаст отпад.
В. ТРАЈКОВ