Од утре ќе може да се аплицира за субвенции за велосипеди и електрични тротинети во Град Скопје. Со доцнење од 4 месеци и на крајот на летната сезона, Градот конечно го објавува огласот кој досега со години, уште од времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, се објавуваше во април или почетокот на мај кога најмногу се купуваат велосипеди пред почетокот на летнатат сезона.
Од Град Скопје пред еден месец за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека се доцни со доделување на субвенциите оти одлуката се доработувала.
Аплицирањето и годинава ќе се врши електронски односно на веб страната на Град Скопје. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50 проценти од вредноста на еден велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За електричните тротинети, субвенциите се во износ од 30 отсто од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
„Оваа 2022 година Градот Скопје обезбеди повеќе средства за субвенции и тоа само за овие јавни повици предвидени се 12 милиони денари за субвенции за велосипеди и 3 милиони денари за електрични тротинети“, велат од Град Скопје.
Јавниот повик ќе трае заклучно со 1 ноември или до исцрпување на предвидените пари.
А. АНТЕВСКА