Стариот плоштад во Тетово се вбројувал меѓу најубавите архитектонски градби од овој вид во Македонија. Тогашната градска власт во 1967 донела одлука во центарот на градот да изгради модерен плоштад. Се срушиле повеќе стари куќи во центарот на градот и на тоа место никнал современ урбанистички простор, чија изградба завршила во почетокот на 1970-тите. Така Тетово од една мала турска касаба, преку овој модерен плоштад, почнува да ги добива атрибутите на современа градска средина.
Новиот плоштад, кој го добил името Маршал Тито, бил поплочен со бел мермер, имало голема фонтана, места за одмор, бина за јавни настапи и многу зеленило. Со својот изглед доминирал и станал препознатлив белег на Тетово. Не случајно неговите автори, архитектите Кирил Муратовски и Славко Ѓуриќ, за ова архитектонско дело ја добиле државната награда „11 Октомври“.
Со доаѓањето на повеќепартискиот систем, новите градски власти почнаа сè помалку да се грижат за одржување на плоштадот. Тоа посебно дојде до израз после 2001, кога тој почна целосно да се уништува. Мермерните плочки беа испокршени, фонтаната запуштена, зеленилото уништено, а просторот исчкртан со графити. И наместо да се реновира, кон крајот на 2008 почна да се гради нов плоштад, а од стариот не остана ништо, па дури и името му го променија од Маршал Тито во Илирија.
За Тетовскиот плоштад, од непознати причини, зачувани се многу малку документи, па затоа тетовскиот архитект Благоја Ристовски преку стари фотографии и сателитски снимки направи архитектонски цртежи на тетовскиот плоштад, со цел архивирање на архитектонско-урбанистичките квалитети на овој значаен урбан елемент на Тетово. За таа цел отпечати брошура и направи јавна презентација насловена „Бесконечен плоштад – архитектонска приказна за едно заедничко место“, со цел помладите генерации да ги запознае со една знаменитост на градот која веќе ја нема, а оние постарите да ги потсети на времињата кога голем дел од социјалниот живот на тетовци се одвиваше токму на овој простор.
„За жал, немаме архивски документи за плоштадот и за она што значи некаква документација и генеза за неговиот развој. Немаме никакви цртежи од него, така што ова што го направив беше реконструкција која бараше еден архитектонски пристап на позиционирање и димензионирање на плоштадот за одново пренесување на изворната слика. Тоа беше макотрпен процес кој бараше истрајност и прецизност, поради тоа што од една фотографска документација и од сателитски снимки, всушност, се правеше реконструкцијата на плоштадот“, вели Ристовски.
Како архитект тој посебно го нагласува архитектонското значење кое го имал тетовскиот плоштад.
„Секако, овој плоштад е единствен за кој можеме да кажеме дека е школски пример во рамки на државата, а би рекол и пошироко, поради тоа што имаме, на еден начин, од нула отворање на едно градско јадро со сите овие квалитети. Ќе си дозволам да кажам дека тој можеби е најзначаен плоштад во Македонија во однос на скапоценоста на самото дело и архитектонскиот јазик кој го има. Затоа, иако повеќе го нема, тој треба да биде познат како сеќавање на едно изгубено културно наследство, не само на Тетово, туку и на Македонија“, вели Ристовски.
Сегашниот плоштад во Тетово, кој почна да се гради кон крајот на 2008, ниту од далеку ја нема онаа архитектонска препознатливост на стариот плоштад. Сега тој е една бекатонизирана површина која единствено служи како автодром за електрични автомобилчиња со кои се возат деца, еден значаен дел е узурпиран од околните ресторани, има многу малку зеленило, простор преку кој треба само набрзина да се помине, без желба да се остане на него.
„За жал, сега имаме еден бришан простор, празна површина или полјана, како што ја нарече мојот колега Видоески и тоа не е далеку од она што навистина го имаме таму. Таму повторно имаме гест на бришење на старото, но сега тоа е заменето со ништо. Слободата што ја уживала архитектурата во тие времиња кога е граден стариот плоштад е неколкукратно поголема од слободата што ја живее архитектурата сега. Денес можеби политиката не влијае толку на архитектурата, но затоа влијае капитализмот, влијае инвеститорот и тоа е многу пототалитарен систем во однос на просторот и затоа е понеквалитетен во однос на порано. И затоа е жално што тој простор добива таков третман, исто како што се дискутабилни интервенцијата на булеварот Борис Кидрич, она што се случи со Спортскиот центар, она што го снајде ‘Монопол’ и утре што го чека ‘Шик Јелак’“, заклучува Ристовски.
З. АНДОНОВ




