На местото на трговско- занаетчискиот комплекс „Печурки“ во Штип ќе се гради станбено-деловен комплекс. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов вели дека имал неколку средби со сопствениците на објектите на кои им го презентирал идејниот проект според кој ќе има место и за нивните дејности.
„Ќе се гради повеќекатница за станбено живеење и со деловен простор на приземјето. Планираме на еден дел од овој простор, како симболика на сегашните ‘печурки‘, да има нови типски бараки за кои интерес можат да пројават и приоритет ќе имаат сегашните сопственици. Засега сите разговори се прелименарни па сакаме да ги чуеме мислењата и на сопствениците“, вели Јорданов.
Комплексот „Печурки“ се изгради како времени објекти пред 33 години и располага со повеќе од 70 типски мини монтажни киосци во кои своја егзистенција најдоа голем број трговци и занатчии, па така во печурките и денес работат продавници за автоделови, за конфекција, месарници со шалтер системи за печена скара, занаетчии за изработка на навлаки за автомобили, молерски и фарбарски работилници, земјоделски аптеки, канцеларии за консултански услуги, а голем број од печурките на сопствениците им служат за магацински простор, некои ги издаваат под кирија.
Сопствениците се скептични во овој проект и велат дека сѐ уште немаат прецизни информации што точно се планира и која е целта. Минатото лето го имале првиот разговор со градоначалникот, а деновиве и вториот и велат дека немаат конкретни објаснувања како тие би се трансформирале во новиот комплекс, зашто може да се случи некои да ја изгубат егзистенцијата.
„Ни нудат типски бараки во замена на ‘печурките‘, но понудувачите забораваат дека сите сопственици немаат можност да издвојат по 10.000 евра, колку што им било кажано дека ќе чинат. Ние им предлагаме за многу помалку пари сами да извршиме обновување на постојните, само да добиеме дозвола од Општината. Уште при создавањето на комплексот сами го поплочувавме просторот околу објектите, сами хортокултурно го уредивме и сите овие високи дрвја што сега ни прават големи сенки сами ги засадивме и ги одржуваме“, велат повеќе сопственици кои не сакаат Штип да го изгуби култното место „Печурки“ кое многу брзо во минатото стана, a и денес е мошне популарно меѓу штипјани.
Т. ЈОВАНОВСКИ