На местото каде што се наоѓаше модуларната ковид болница во кругот на Клиничката болница во Тетово, која целосно изгоре во септември 2021, започна изградба на меморијален парк. Паркот ќе биде потсетување на трагедијата, посветен на оние кои тогаш ги загубија животите, но и на сите оние кои ја бараат правдата, која сè уште не е задоволена.
„Меморијалниот парк нема прави патеки бидејќи и животот не беше правичен за овие луѓе. Архитектурата ја следи филозофијата на прекината рамка, свиени патеки, дрвја што создаваат сенка за размислување и рефлексија. Ова ќе биде симболичен центар за да се памети и да се вети дека ова нема да се повтори. Овој парк е повеќе од простор, тој е културен пресврт и јасна одлука против молчењето, покана за размислување и ветување дека институциите мора да бидат блиску до граѓаните“, изјави министерот за здравство Азир Алиу, кој присуствуваше на почетокот на изградбата на паркот, заедно со градоначалникот на Тетово, Билал Касами, министерот за добро владеење Арбен Фетаи и роднини на загинатите.
По пожарот на 8 септември 2021, овој простор долго време стоеше како руина, сѐ додека не заврши истражната постапка за причините за пожарот. Потоа служеше како дива депонија, за конечно целиот градежен материјал да се отстрани, а на иницијатива на роднините на загинатите во пожарот, започна да се гради овој меморијален парк.
З. АНДОНОВ