Сопствениците на 70 дуќани на местото на таканаречените „Печурки“ во Штип, кои како времени објекти се изградија пред 33 години, не успеаја да ги зачуваат локациите на дуќаните од кои егзистираат, затоа што Советот на Општина Штип донесе одлука на тоа место да се изгради деветкатница.
„Сите досегашни градоначалници имаа вакви идеи, но брзо се откажуваа. На најновата одлука ќе бараме контраодлука, односно истиот совет да ги поништи маркиците за деветкатница и измена на планот. Со години се обидуваме да ги добиеме локациите на парцелата ‘Печурки‘ каде сега се наоѓаат нашите дуќани и со сопствени сили да ги уредиме дуќаните и просторот, но по ова, нашите планови пропаѓаат“, велат сопственици на дуќани.
Во еден разговор со градоначалникот им било кажано дека дел од локацијата до станбениот објект ќе бил наменет за типски објекти, каде што тие би можеле да најдат место, но проблемот е што ќе бидат скапи и некои од нив не можат да си го дозволат тој луксуз, велат дуќанџиите.
Тие реагираат и од еколошки апсект. Дрворедите со високи насади што тие самите ги засадиле пред 33 години сега ќе бидат уништени и место убав урбан парк ќе се добие само бетон. Реагираат и станарите од соседните станбени згради, кои велат дека деветкатницата ќе им ја скрати прекрасната панорама на Штип и најмногу видикот кон тврдината Исар.
„Градежното земјиште каде што се ‘Печурките‘ е во населбата Автокоманда и е со површина од 5.693 квадратни метри, предвидени за колективна станбена зграда со приземје и девет ката. Втората локација Стари Бунари, која е со површина од 2.992 квадратни метри, ќе биде наменета за комерцијален двокатен објект“, велат од Одделението за урбанизам при Општина Штип.
За двата плаца се донесени маркици во Детаљниот урбанистички план. По оваа одлука, како што беше образложено на седницата на Советот, парцелите ќе се огласат за продажба.
Т. ЈОВАНОВСКИ