НА МИНИСТЕРОТ АХМЕДОВСКИ ОД ПАРТИЈАТА НЕ МУ КАЖАЛE ДЕКА БАРААТ ДА БИДЕ СМЕНЕТ

    НА МИНИСТЕРОТ АХМЕДОВСКИ ОД ПАРТИЈАТА НЕ МУ КАЖАЛE ДЕКА БАРААТ ДА БИДЕ СМЕНЕТМинистерот без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, во Куманово промовираше проект вреден 3,2 милиони денари за изградба на канализација и асфалтирање на улици во ромската населба Средорек (Фото: СДК.МК)

    По барањето на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР)  да биде сменет од функцијата министерот без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, тој во Куманово рече дека ништо официјално не му е кажано и не знае дали тоа ќе се случи.

    „Морам да ви кажам дека она што се пишува по социјалните мрежи и се слуша по медиумите толку знам и јас. Сè уште ништо официјално не ми е кажано, не ми е предложено. Можеби има некои недоразбирања кои се еднострани и потекнуваат од мојата партија, меѓутоа сметам дека ние како сериозна партија и како сериозни лидери овие недоразбирања, кои пак ќе повторам се еднострани, во иднина ќе бидат надминати. Можеби ќе легнат работите доколку се има соработка и желба и од другата страна. Колку што знаете вие, толку знам и јас“, изјави министерот Ахмедовски.

    Тој во Куманово промовираше проект вреден 3,2 милиони денари, за изградба на канализација и асфалтирање на улици во ромската населба Средорек.

    „Тоа се средства кои се обезбедени од Владата, поточно од Министерството за транспорт и врски, согласно стратегијата за Роми. Се работи за 3,2 милиони денари. Доколку дозволат временските услови, проектот ќе започне уште во текот на овој месец. Средствата веќе се поминати преку Министреството за финасии, истите ќе легнат на сметката на Општината и треба да се започне со работа“, рече Ахмедовски.

    Министерот најави дополнителни средства за Општина Куманово преку Министерството за локалната самоуправа за Стратегијата за Роми, а Општината ќе одлучи што ќе се финасира.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари