Во сурови климатски услови, искачувајќи се по полноќ во новогодишната ноќ, педесетина планинари од Македонија, Црна Гора и Германија стигнаа на врвот Антена на Пелистер, на 2.601 метар надморска височина. Таму заеднички го дочекаа првото изгрејсонце во 2026 година.
„Поради ниските температури од -28°C и ветерот од околу 50 километри на час, искачувањето се одвиваше во многу отежнати услови. И покрај тоа што станува збор за искусни планинари, беше потребно да се вложи многу повеќе сила за да се совладаат алпските климатски услови кои владееја ова утро на Пелистер“, соопшти Иванчо Тошевски од планинарскиот клуб „Олимпус Монс“ од Битола, кој е организатор на искачувањето „Први на први“, а воедно и директор на Националниот парк „Пелистер“.
Планинарската акција започна од локацијата Инфоцентар на Пелистер и се одвиваше кон врвот Антена. Во неа учествуваа искусни планинари, добро познати имиња на пошироката јавност во Македонија и во регионот.
„Имавме ведро небо, ниски температури, полна Месечина и прекрасни погледи на со снег прекриената Баба Планина во текот на искачувањето“, рече Тошевски.
Магичните бои на првото изгрејсонце во 2026 беа одлична можност за Дарио Петровски, на 2.601 мнв, да ја запроси својата сакана Мишела Панајотова. Двајцата живеат и работат во Германија, а за празниците се вратија во Македонија за да учествуваат на настанот „Први на први“.
Оваа година, во организација на „Олимпус Монс“ и со поддршка на Општина Битола како дел од „Зимската приказна“, настанот се одржа по петти пат. Целта е да се дочека првото изгрејсонце во Новата година од еден од најубавите природни видиковци на Балканот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




