НА НИВИТЕ ИМА И ПО МЕТАР ВОДА, АКО НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ЗА 2-3 ДЕНА ЌЕ ИЗГНИЈАТ ПОСЕВИТЕ ОД ЕСЕНСКАТА СЕИДБА, ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО БИТОЛСКО

    НА НИВИТЕ ИМА И ПО МЕТАР ВОДА, АКО НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ЗА 2-3 ДЕНА ЌЕ ИЗГНИЈАТ ПОСЕВИТЕ ОД ЕСЕНСКАТА СЕИДБА, ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО БИТОЛСКООд „Битолско поле“ велат дека поплавите не се должат на неисчистена каналска мрежа и речни корита, туку на големиот наплив вода од интензивните врнежи и на несовесни жители кои ги затнуваат каналите со фрлање ѓубре. (Фото: СДК.МК)

    Земјоделците стравуваат дека ќе останат без родот од есенската сеидба ако најдоцна за два-три дена водата не се повлече од земјоделските површини во Битолско. И денеска во вода пливаат над 300 хектари со земјоделски култури, претежно житни. Под вода се ниви во селата Гермијан, Меџитлија, Жабени, Породин, Кравари и други. Поплавите се последица на излеаните реки и високите подземни води, па нивите се заезерени.

    „Има едно метро вода во нивите. Денес малку спласна, но има уште многу. Нивите се со пченица и јачмен од есенската сеидба. Ако водата не се повлече за 2-3 дена, ќе изгние сè. Има места каде нивите се поројни и таму со сигурност ќе се уништи родот. Се излеа Елешка Река. За да не ни ги поплавува нивите, постои старо корито кое треба да се исчисти, па кога ќе прелие водата преку сегашното корито, ќе се влее во старото и ќе се спасат нивите. Сме барале, ама кој ќе чисти старо корито од река? Во селото има околу 200 хектари поплавено земјиште“, вели Ѓорги Василевски, земјоделец од село Гермијан.

    Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), поплавени се ниви и во други битолски села. Во Кравари заезерени се 20 хектари, а проблемот бил предизвикан од затрупување на одводните канали. Во селата Жабени и Породин поплавени се околу 80 хектари, а Елешка Река се излеала и прекри околу 100 хектари земјоделски површини.

    Од „Битолско поле“ велат дека поплавите не се должат на неисчистена каналска мрежа и речни корита, туку на големиот наплив вода од интензивните врнежи и на несовесни жители кои ги затнуваат каналите со фрлање ѓубре.

    Директорот Игор Швигир вели дека во 2025 година бил надминат дури и годишниот план за работа со чистење на каналската мрежа.

    „Од каналската мрежа во 2025 година беа исчистени 82 километри во Битола, Могила и Новаци. Главните канали за прибирање води се исчистени и се во добра кондиција. Петтиот и Четвртиот канал ги примиле сите води. Излевањето е резултат на обилните врнежи, наврнаа 90 литри дожд на метар квадратен во 24 часа. Ова е природна појава која е позната во земјоделството“, вели Швигир за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    И за Црна Река, во рамки на нивните надлежности во Битола, Могила и Новаци, е исчистено коритото и нема проблеми.

    „Сепак, главниот проблем со каналската мрежа останува истиот, колку и да чистиме, ако населението прави диви премини и ги уништува каналите, се отежнува протокот на вода и ни се отежнува работата. Со фрлање на ѓубре по каналите, постојано се случува истото, ние ќе исчистиме, тие ќе затнат“, вели Швигир.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира