НА ПРОЕКТАНТОТ НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ ЊАГУЉ НЕ МУ ГО ДАЛЕ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА СОСТОЈБАТА СО НЕГОВАТА СИГУРНОСТ, СМЕТА ДЕКА СО СНИМКИ ОД ДРОН НЕ СЕ ИСПИТУВААТ КАБЛИТЕ ЗА ПРЕДНАПРЕГАЊЕ

    НА ПРОЕКТАНТОТ НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ ЊАГУЉ НЕ МУ ГО ДАЛЕ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА СОСТОЈБАТА СО НЕГОВАТА СИГУРНОСТ, СМЕТА ДЕКА СО СНИМКИ ОД ДРОН НЕ СЕ ИСПИТУВААТ КАБЛИТЕ ЗА ПРЕДНАПРЕГАЊЕМислењето дека мостот е во ред само затоа што во моментот стои и затоа што можеби би издржал некое пробно оптоварување, според Њагуљ, не е во согласност со основните особини на сите градежни материјали. (Фото: К. Попов)

    Проектантот на мостот „Беласица“ Вукан Њагуљ не го видел извештајот за состојбата на мостот, кој по налог на Град Скопје го правеше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професор Михаил Гаревски. Експертизата уште пред еден месец е предадена на градската управа, но таа не е презентирана на јавноста.

    „За жал, немав прилика да го погледнам извештајот, а како некој кој целиот свој работен век, па и повеќе, се занимава со мостови и особено како проектант на овој мост навистина би сакал да ја имам таа можност“, рече Њагуљ во интервју за државната агенција МИА.

    Мостот „Беласица“, што ги спојува Транспортниот центар (Железничката и Градската автобуска станица) со Автокоманда и северните делови од главниот град, за сообраќај беше пуштен на 8 Септември 2005. Тој беше оштетен од пожар ноќта помеѓу 11 и 12 мај оваа година, по што поради загрозување на безбедноста е забранет за сообраќај.

    Испитувањето на каблите за преднапрегање на мостот, тимот на Гаревски ги правеше со снимки од дрон и врз основа на тоа е заклучено дека нема оштетувања. Њагуљ, како и други експерти за градежништво и мостоградба, смета дека не може само со дрон да се оцени дали каблите за преднапрегање се оштетени. Вели дека се неопходни испитувања на лице место и дополнителни пресметки. Според него, улогата на средишната плоча на мостот за негово правилно функционирање во ниту еден случај не може да се смета за споредна.

    „Напротив, со тоа што ги поврзува главните сандачести носачи во една целина таа значително ги намалува влијанијата во нив при несиметричното сообраќајно оптоварување. Ова може да се докаже со соодветна статичка пресметка, онака како што е направено и во главниот проект“, вели Њагуљ.

    Мислењето дека мостот е во ред само затоа што во моментот стои и затоа што можеби би издржал некое пробно оптоварување, според Њагуљ, не е во согласност со основните особини на сите градежни материјали.

    „Тоа конкретно подразбира дека мостот не е сигурен доколку поради пожарот дошло до губиток на силата на преднапрегање и како последица на тоа до пораст на напрегањата на затегнување во бетонот преку границите дефинирани со проектот. Во такви околности мостот наизглед сигурно ќе стои сè додека носивоста на бетонот на затегнување поради замор не се намали на ниво кое ќе овозможи појава на статички неконтролирани пукнатини што ќе доведе до загрозување на стабилноста на конструкцијата. Или грубо кажано – мора да се знае зошто мостот стои“, појаснува Вукан.

    Дека се потребни посериозни испитување на мостот алармираше деканот и професорот на Градежниот факултет Горан Марковски. И тој смета дека не се направени сите потребни испитувања и анализи за оштетувањата за мостот да се пушти за сообраќај.

    „Јас не викам дека мостот има сериозни оштетувања, туку дека се потребни детални анализи, а колку што знам таква анализа не е направена. Не може да се врши испитување на каблите за преднапрегање со снимки со дрон, постојат начини, опрема и механизми како тоа се испитува“, изјави на 6 јули професорот Марковски.

    И францускиот експерт за мостоградба Жулијан Ердоган смета дека за да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање мора директно да им се пристапи и за тоа постојат специјални технологии.

    „Проектот не ми е познат во детали, но ако збориме за каблите за преднапрегање што се наоѓаат во мостот, постои технологија која овозможува да се испита нивната состојба. Ако каблите се надворешни, тогаш можеме директно да им пристапиме, а ако се внатрешни, има две различни технологии кои можат да се применат за нивно испитување. Значи, ако преднапрегањето е внатрешно, потребно е да се пристапи директно до каблите. За внатрешните кабли кои едноставно не се видливи постојат соодветни технологии за да се процени и испита нивната моментална состојба“, вели Ердоган кој е регионален директор на француската компанијата „Фресине“ специјализирана за конструкција на мостови со преднапрегање.

    Нацрт-верзијата на извештајот за мостот „Беласица“, како што изјави професот Гаревски, покажува дека мостот нема сериозни оштетувања, не се оштетени каблите за преднапрегање и потребна е лесна санација, која би траела околу еден месец.

    Градоначалничката Данела Арсовска не кажува дали ќе постапи според извештајот на Гаревски по предупредувањата на експертите дека се потребни подетални испитувања ниту кога ќе почне реконструкцијата.

    Одговор на нашите прашања од Кабинетот на Арсовска, како што е нормализирана практика откако таа е градоначалничка, – не добивме.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира