НА ПРВ ПОГЛЕД НЕ ЛИЧИ ДЕКА ЌЕ ТРЕБА ПОСЕРИОЗНА САНАЦИЈА, РЕЧЕ ГАРЕВСКИ НА ПРЕС СО АРСОВСКА НА ЗАТВОРЕНИОТ МОСТ КАЈ „ИСТ ГЕЈТ“ ПО ПОЖАРОТ

    НА ПРВ ПОГЛЕД НЕ ЛИЧИ ДЕКА ЌЕ ТРЕБА ПОСЕРИОЗНА САНАЦИЈА, РЕЧЕ ГАРЕВСКИ НА ПРЕС СО АРСОВСКА НА ЗАТВОРЕНИОТ МОСТ КАЈ „ИСТ ГЕЈТ“ ПО ПОЖАРОТАрсовска и Гаревски на денешниот прес на мостот „Беласица“. (Фото: Принтскрин од видео)

    Професорот Михаил Гаревски денеска на мостот „Беласица“ кој е затворен по пожарот, рече дека на барање од Градот Скопје, Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ќе направи експертиза и проверка на сигурноста и оштетувањата, која не би смеело да биде повеќе од 20 дена, но таа ќе покаже дали треба санација.

    „Експертизата се состои од визуелна инспекција, недеструктивни тестови, односно земање примероци за проверка на носивоста на бетонот и на оштетената арматура, а исто така ќе направиме на одредени места земање кернови, коишто поточно ќе ни ја покажат состојбата на бетонот. Добро е што како репер ќе ни служи другата страна на мостот којашто воопшто не е оштетена. Јас направив само првична визуелна инспекција. Видни се оштетувања од аспект на отпаѓање на бетон којшто е како резултат на висока температура, но исто така и на гасењето со вода. Големата температурна разлика на водата и огнот доведува до такви отпаѓања на бетонот, но на главната носива конструкција не може да се види дека арматурата е откриена, што не е случај со горната плоча, каде има отпаѓање на бетонот и арматурата може да се види, но тоа не е носив елемент на конструкцијата“, кажа Гаревски на заедничка прес-конференција со градоначалничката Данела Арсовска, на мостот „Беласица“.

    Тој појаснува дека по првичната визуелна проценка, ако овој систем беше обичен армирано-бетонски композит можеше да се каже дека мостот ќе може одма да се пушти во употреба, но ова е покомплициран систем, БОГ систем, и особено е тешко, но добро е што во Градот постои проектот, којшто е направен од реномирана фирма од Белград, а изведбата ја правеше „Бетон“.

    „Секако, треба да се направи некоја санација. По експертизата ќе заклучиме дали треба посериозна санација, иако на прв поглед не личи така. Секако ќе треба да се направи дополнително зајакнување, што ќе овозможи брзо пуштање на мостот. Прво со една лента или некое пробно товарење, а потоа ќе може да кажеме дека можеби нема да треба некоја санација на главниот систем “, додаде Гаревски.  Според него, во прописите и во европските и кај нас, не се бара заштита од пожари, иако ризикот мостот да се сруши од пожарот е три пати поголем отколку од земјотрес.

    Арсовска денеска кажа дека првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот.

    На 17 мај, Арсовска професорите и деканот на Градежен факултет ги нарече самонаречени експерти кои давале паушални изјави во медиумите во врска со опожарениот мост „Беласица“. Од Град Скопје тогаш  испратија соопштение до медиумите, откако професори и деканот на Градежен факултет Горан Марковски кажаа дека опожарениот мост ќе биде затворен најмалку една година.

    „Апелираме до јавноста, медиумите и оние кои сакаат да се нарекуваат експерти да не предизвикуваат паника во јавноста со паушални изјави кои не се базирани на никакви информации, вештачења ниту пак истражувања. Несериозно е од декани, неименувани експерти како и неименувани ‘извори’ да се предизвикува паника кај граѓаните“, се вели во реакцијата од Град Скопје на 17 мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира