НА СУДЕЊЕТО ПРИЗНА ВИНА ОБВИНЕТИОТ КОЈ ВОЗЕЈЌИ ПИЈАН ПРЕГАЗИ 11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН И ИЗБЕГА, А ОБВИНИТЕЛКАТА КАЖА ДЕКА ИМАЛ И ЗАБРАНА ЗА ВОЗЕЊЕ

    НА СУДЕЊЕТО ПРИЗНА ВИНА ОБВИНЕТИОТ КОЈ ВОЗЕЈЌИ ПИЈАН ПРЕГАЗИ 11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН И ИЗБЕГА, А ОБВИНИТЕЛКАТА КАЖА ДЕКА ИМАЛ И ЗАБРАНА ЗА ВОЗЕЊЕНаместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот Николов со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Ангелче Николов (28) на денешното судење призна дека во моментите кога ја сторил сообраќајката во Велес во која почина 11-годишната Магдалена Иванова возел под дејство на алкохол, двојно побрзо од дозволеното и ја сторил на пешачки премин. Наместо да застане и да им помогне на жртвите, Иванова и мајка ѝ, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец.

    „Жалам за стореното, се извинувам на семејството, но и на јавноста за овој настан“, кажа кратко Николов на почетокот од судењето, кое се одржува во Основен суд Велес.

    Обвинетиот се товари за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, кои ги сторил со умисла.

    Обвинителката Славица Темелковски со аудиоснимка од шкрипење на гумите од автомобил го започна воведниот говор.

    „Кога е случена сообраќајната несреќа, обвиениот не смеел да го управува автомобилот, поради изречените казни. Тој не смеел да вози“, кажа Темелковски.

    Одговарајќи на новинарско прашање по рочиштето, таа отфрли можност дека една од причините за сообраќајката била темнината на улицата, каде такво нешто не констатирале вештите лица. Темелковски во воведниот говор се осврна и на барањето за одговорност на лицата кои биле сопатници во автомобилот.

    „Нема никаков доказ дека останатите патници, пријатели на обвиениот, сведоци, критичната вечер, имаат било каква врска со кривично-правниот настан“, додаде Темелковски.

    Обвинетиот Николов сообраќајка ја предизвика на 17 декември лани, возејќи „мерцедес“ по улицата Борис Трајковски. Кога на 14 февруари го поднесе обвинението, Обвинителството од Велес соопшти дека „По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19.12.2022 година кога се предал на органите на прогонот. Нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност“. Поради ова на Николов му беше продолжен притворот.

    Неговото признание на судењето беше повод за реакција на адвокатот Јанаки Митревски, застапник на оштетените, родителите на починатата Магдалена.

    „Изразеното каење е вербално, со ништо не докажа, никаква емоција, боја на глас, дека тоа и го чувства. Прашање е дали обвинетиот се кае вистински или само заради сочувство од затворската казна“, рече адвокатот Митревски.

    Тој посочи дека мајката на Магдалена, Емилија, при сообраќајка имала две фрактури, што се тешки телесни повреди, а не телесни повреди како што запишал дежурниот доктор од Велешката болница.

    Судијката Габриела Гајдова, која претседава со петчлениот Судски совет од Основен суд Велес, најави дека пресудата ќе биде објавена в петок во 12 часот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира