Тетовската противпожарна единица вчера интервенирала во Вратница, каде што гаснела запалена плевна со три противпожарни возила и седуммина пожарникари. Пожарот бил изгаснат, немало повредени, но на враќање од Вратница останале без едно возило.
„На враќање кон Тетово, еден камион ни остана на регионалниот пат Тетово-Јажинце бидејќи поради удирање во поставените лежечки полицајци на патот се искршија делови од системот за амортизација околу тркалата. Некако успеавме да го вратиме назад, а со оглед дека се стари камиони, уште потешко беше денеска да се најдат резервни делови“, информираше Ука Алити, командир на Тетовската територијална противпожарна единица.
Тетовските пожарникари постојано се жалат дека на овој патен правец нивните возила страдаат поради големиот број поставени грпки на патот. Од излезот од Тетово и кај селата Порој и Џепчиште ги има 15-ина за возилата да ја намалат брзината на движењето. Според правилата, на магистрален пат не смеат да се поставуваат лежечки полицајци, но тоа овде не се почитува. Пред неколку години имаше обид тие да се отстранат, но неуспешно, бидејќи жителите на овие села не го дозволија тоа, велејќи дека тука брзо се возело и нивните животи биле загрозени. Минатата година, овој патен правец се реконструираше и беше ставен нов асфалт. но грпките останаа.
З. АНДОНОВ