Нема да се реконструира мостот кај Башино Село, туку ќе се гради нов. Ова е одговорот кој министерот за транспорт и врски Благој Бочварски го даде во писмена форма, по реакциите во јавноста во Велес за дотраениот постоен мост. Се очекуваше дека годинава ќе започне долго најавуваната реконструкцијата на мостот, оти тој е во лоша состојба.
„Уште минатата година, градежни инженери од Јавното претпријатие за држави патишта (ЈП ДП) и професори на Градежниот факултет излегоа на терен за да ја утврдат точноста на степенот на оштетувањето на мостот и веднаш е почната постапка за проектна програма за нов мост, кој го работи Градежниот факултет. Оваа постапка е во завршна фаза. Предвидено е изградбата на новиот мост да биде со мало изместување на трасата на постојниот патен правец Р1312, со цел избегнување на остриот свиок пред мостот“, соопшти министерот Бочварски.
Тој вели дека ЈП ДП во неговата програма за годинава има ставка за обезбедување средства, и по завршувањето на постапката од Градежниот факултет ќе се распише јавната набавка.
Постојниот мост е стар 52 години, изграден од ЈНА во 1971 како времен, во должина од 101 метар. Тоа е армирано бетонски полумонтажен тип мост.
П. ПЕЧКОВ