НА ЗАГАДEНИОТ ВОЗДУХ СЕ ДОЛЖАТ 15 ОТСТО ОД СМРТНИТЕ СЛУЧАИ ВО БИТОЛА, НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ Е ГРЕЕЊЕТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    НА ЗАГАДEНИОТ ВОЗДУХ СЕ ДОЛЖАТ 15 ОТСТО ОД СМРТНИТЕ СЛУЧАИ ВО БИТОЛА, НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ Е ГРЕЕЊЕТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕИндустријата и производството на електрична енергија во поширокиот регион загадуваат 20 проценти. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Околу 15 отсто од смртноста на населението во Битола се должи на аерозагадувањето поради надминување на лимитот што го дава СЗО за загадувачки супстанци, беше посочено на завршната конференција на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот регион“ финансиран преку ИПА и Министерството за локална самоуправа. Истражувањето покажа дека најголем загадувач е греењето, односно согорувањето на биомаса, нафта и мазут во услови кога Битола нема ни гас, ни топлификација за греење на домаќинствата и другите објекти.

    „Прво мислевме дека аерозагадувањето ги напаѓа само белите дробови, но сега со сите студии се покажува дека скоро и да нема орган кој не страда од аерозагадувањето. Влегувајќи во крвотокот, честичките ги оштетуваат и крвните садови, предизвикуваат исхемична болест, мозочен удар и дијабетот може да биде резултат на оштетувањето на панкреасот. Регулаторните механизми на организмот се пореметуваат и комплетно цел организам страда. Причините за болести и смрт од аерозагадувањето ги бараме во циркулаторните болести на срцето и мозокот што е водечка причина за смрт и во државата и Битола, белодробниот рак кој е меѓу првите ефекти на аерозагадувањето и мозочниот удар“, рече Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.

    Ваквите бројки може да се намалат, а луѓето да се спасат доколку се преземаат интерсекторски акции од страна на политичарите, граѓаните и стопанството. Посебно треба да се обезбедат услови за греење кои нема да загадуваат.

    „На греењето мора да се направи сериозен ресет со инвестиции, не може со закрпување неколку инвертери ваму и таму. Тоа е скапо, но носи здравствени добивки. Ако се фокусираме на греењето и сообраќајот минимум 50 проценти од загадувањето ќе го намалиме. Но, тоа не оди преку ноќ, туку плански, ако успееме за пет до десет години загадувањето да го спуштиме на ниво на европските норми, ќе биде одлично. Нивото на СЗО е далеку од нас, скандинавските и западните земји се меѓу 0 и 5 микрограми честички годишно, а ние сме 30 до 40“, додаде Ѓоргев.

    Од јануари 2021 до 2022 беа земани и испитувани примероци на воздух од мерната станица Битола 1. Со анализи се утврдија пет главни фактори на загадување: согорување на биомаса за греење со 24 проценти, нафта и мазут за греење и за одредени индустриски процеси со 18 проценти, индустријата и производството на електрична енергија во поширокиот регион со 20 проценти, минералната прашина при ветерна ерозија и градежни активности со 20 отсто и честички од сообраќајот со 18 проценти. Различни извори на загадување се јавуваат во различни делови од годината.

    „Согорувањето на биомаса, нафтата и мазутот збирно стигнуваат во зимските месеци до 70 проценти од вкупниот товар, па и 80 проценти во јануари 2021 година. Позади епизодите на високо загадување доаѓаат изворите со греење на домовите и објектите бидејќи за жал, поголемите објекти како училиште, болници и слично, кориатат нафта и мазут кои се валакни реагенси“, рече професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

    Ова покажува дека индустријата и производството на енергија не се главен загадувач во Битола. Загадувањето од нив се јавува во периоди на нестабилна атмосфера, а високите загадувања во стабилна атмосфера кога има магла и нема струење на воздух. Потребни се дополнителни мерења за да се утврди дали Битолскиот Регион е и под влијание на загадувачки супстанци на електраните од Грција.

    Во проектот беа вклучени Министерството за животна средина, Центарот за климатски промени, Институтот за јавно здравје и Лабораторијата Амбикон во склоп на Штипскиот универзитет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира