Над 40 жени во Куманово се на листата успешни директорки, раководителки, советнички и претседателки, кои водат и претставуваат значајни институции и претпријатија од кои зависи развојот и стабилноста на градот и државата. Од година во година нивниот број се зголемува, жени доаѓаат на функции за кои отсекогаш се сметало дека не можат да ги извршуваат.
Лани, за првпат е назначена директорка на едно од четирите јавни претпријатија во Општината, кои дотогаш беа загарантирани за мажите и за нив се водеше жестока партиска битка. Цветанка Ивановска, инженерка по хортикултура, раководи со ЈП „Чистота и зеленило“, каде 90 отсто од вработените се мажи и се соочува со големи финсиски проблеми.
„Предизвикот беше голем да се биде не чело на едно толку големо претпријатие. Ја таму работам долги години и вработените добро ме познаваа. Немаше отпор од нивна страна за моето назначување, можеби повеќе ги плашеше мојата амбиција, бидејќи тие знаеа дека јас од нив очекувам максимално да се вложат во работата и заедно да одиме напред. На почетокот и јас имав страв како ќе се носам со предизвикот, но многу брзо се организирав и заедно со вработените се справуваме со финсиските проблеми и сега одиме кон подобро“, рече Ивановска.
Веќе четврта година највисокото локално законодавно тело – Советот на Општина Куманово го води жена, која е прва меѓу еднаквите 14 советнички од сите партии од вкупно 33 членови колку што брои Советот.
Претседателката Атина Мургашанска, дипломиранa правничка, со своето знаење и шарм се наметна како авторитет при водењето на седниците, бидејќи не им дозволува на нејзините колеги да ја злоупотребуваат советничката говорница за сопствена или партиска промоција.
„Ниту е толку тешко ниту е толку недостижно, како што на прв поглед изгледа, да се води Советот. Не е како што понекогаш во општеството сакаат да ни наметнат дека одредени професии и позиции се резервирани само за мажите, бидејќи ние жените не можеме да се носиме со такви предизвици. Мене уште не почетокот тоа ми беше јасно, и со таа цел влегов во целиот процес да се кандидирам и да бидам носителка на листа на мојата политичка партија. Тоа е голем предизвик, а воедно и големо задоволство. Особено што ние жените сме навикнати да бидеме на сите страни растргнати, прво приватно, а потоа и професионално и во политиката. Нашата природна емотивност, склоноста кон емпатија и грижа за семејството и најбиските, нè прави поодговорни и поспремни да се справиме со сите проблеми“, кажа Мургашанска.
И во Општина Куманово најодговорните позиции во најзначајните сектори за финсии, комунални работи и урбанизам ги водат жени, а раководителки се на чело и на одделенијата за поддршка на градоначалникот, даночното, образованието, евроинтеграциите, локалниот економски развој и одделението за информатика.
Од вкупно четири директорски места во средните училишта на три се жени, а седум во основните училишта. Жени се и на чело на градинката, Градската библиотека и ученичкиот дом.
Покрај локалните, жени управуваат и одговорни државни институции. Куманово има пратеничка, претседателки на Основен суд и на Основното јавно обвинителство, директорки во Центарот за социјални работи, во Агенцијата за вработување, во Општата болница Куманово, подружниците на УЈП и на Катастарот.
Зорица Вукановиќ е прва жена командир во државата избрана од Советот на Општината, која раководи со Полициска станица со општа надлежност во СВР Куманово.
С. НИКОЛИЌ