НАД 400 ЗЕМЈОДЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА ОД ГОСТИВАРСКО СТРАВУВААТ ДЕКА ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ВОДА ЗА НИВИТЕ ОТИ Е НАМАЛЕН КАПАЦИТЕТОТ НА КАНАЛОТ ЗА НАВОДНУВАЊЕ

    НАД 400 ЗЕМЈОДЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА ОД ГОСТИВАРСКО СТРАВУВААТ ДЕКА ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ВОДА ЗА НИВИТЕ ОТИ Е НАМАЛЕН КАПАЦИТЕТОТ НА КАНАЛОТ ЗА НАВОДНУВАЊЕМештаните велат дека со ова ќе биде загрозена нивната егзистенција бидејќи ова лето ќе немаат доволно вода за да ги наводнуваат своите ниви (Фото: СДК.МК)

    Земјоделците од 14 села на потегот од Гостивар до Жеровјане денеска протестираа пред гостиварската подружница на АД „Водостопанство“ загрижени од, како што велат, незаконското намалување на капацитетот на каналот за наводнување направено од страна на Општина Гостивар. Тие велат дека со ова ќе биде загрозена нивната егзистенција бидејќи ова лето ќе немаат доволно вода за да ги наводнуваат своите ниви.

    При вршење градежни активности, за досегашниот капацитет на каналот за наводнување од 4,1 кубен метар била поставена цевка со капацитет од само 1,2 кубни метри, била покриена цевката со земја и се асфалтирал делот во должина од 300 метри.

    „Се собравме овде за да го искажеме нашиот револт поради затворање на 3/4 од каналот за наводнување на сите земјоделски површини во вкупна површина од 3.600 хектари што им припаѓаат на овие 14 села. Прашуваме како може некој да се осмели на каналот кој беше со капацитетот од 4,1 кубен метар вода во секунда да постави бетонски цевки со капацитет од само еден кубен метар. На овој начин го кратат правото на егзистенција за нас земјоделците и нашите семејства“, изјави Живко Јованоски, земјоделец од Гостивар.

    Од гостиварската подружница на АД „Водостопанство“ велат дека се известени за намалувањето на капацитетот на каналот за наводнување и дека се обратиле до сите надлежни институции и ги информирале за новонастанатата состојба.

    „Ние за ова разбравме откако добивме информација од еден земјоделец кој забележал дека не може да пушти вода за да ја навади нивата. Кога излеговме на терен на 30 септември, забележавме дека веќе се монтирани бетонски цевки во каналот. Ние не бевме информирани ниту од изведувачот, ниту од инвеститорот. Во случајов инвеститор е Општина Гостивар, а изведувачот е некоја градежна фирма од Тетово. Бетонските цевки, колку што можевме да видиме на терен, се со капацитет од 1,2 кубни метри во секунда. Од дирекцијата во Скопје се имаат обратено до Општина Гостивар, МВР, Министерството за земјоделство, шумарството и водостопанство и до Државниот инспекторат за земјоделство. Имаме само повратна информација дека од Државниот инспекторат излегле на терен, направиле записник и е покрената постапка“, вели Јулијана Николиќ, раководителка на Подружницата Гостивар при АД „Водостопанство“.

    Од Општина Гостивар соопштуваат дека каналот за наводнување, кој дотогаш бил од отворен тип, е затрупан бидејќи тоа било на барање на жителите од населбата каде што поминувал.

    „Како одговор на долгогодишните реакции и барања на жителите од населбата Шеста Зона, Општина Гостивар презеде неопходни мерки за покривање на каналот за наводнување кој поминува низ населбата. За овој повеќегодишен проблем Општината постојано поднесуваше барања за негово надминување, но поради ненавремената реакција од надлежните, се потрудивме како локална власт да им излеземе во пресрет на нашите граѓани и барем да го ублажиме овој проблем. Уверуваме дека течението на водата низ каналот не е прекинато, туку е поставен систем на цевки. На овој начин само придонесовме за зголемена безбедност на жителите“, се вели во соопштението на Општина Гостивар.

    Од Општината не соопштуваат зошто драстично е намален обемот на цевката во каналот за наводнување, што е и главната причина зошто земјоделците од овој крај протестираат.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира