Над 650 овоштари пријавиле оштетување на родот во Градско и Росоман до надлежните комисии, Најмногу, 570 пријави, до Општинската комисија за штети од пролетни ниски утрински температури стигнале од Општина Росоман. Во Општина Градско 77 овоштари пријавиле насади кои се уништени до мразот.
Пролетните мразови го уништија родот на овошките кои беа во фаза на цветање. Бројките покажуваат дека најголемиот одгледувач на праски и кајсии во земјава, регионот на Росоман, годинава има големи штети.
„Ова е голема бројка, што укажува дека родот е уништен кај голем број овоштари. Праска, кајсија, цреша ќе има многу малку род, од повисоките делови во општината каде цветот уште беше во рана фаза. Осигурителните компании не осигуруваат од штета од мраз, така што сме оставени на природата“, вели овоштар од Росоман.
И покрај штетите и реакциите од овошарите во Општина Чашка и Општина Велес, тие не пријавиле до надлежните комисии. Дел од одгледувачите се песимисти дека ќе бидат обесштетени и не се пријавиле. Посочуваат примери од минатото, кога не добиле надомест.
„Кога пред десетина години исто фати мраз, ни ветија дека ќе не обесштетат да не плаќаме водна заедница за наводнување. Не плаќавме, но по некое време стасаа сметки и по толку време нè дадоа на суд, даден сум на извршител за долг од неплатени сметки. Уште не сме обесштетени од сушата во летото 2023 година која настана поради хаваријата на водоснабдителниот систем Макарија“, вели друг овоштар од Росоман.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски пред еден месец ги повика овоштарите да ги пријават настанатите штети од ниските температури, општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и проценки направени на терен. Најави дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе ги обесштети сите кои што претрпеа штета од годинашните пролетни ниски температури.
П. ПЕЧКОВ