Околу 700 јавни објекти низ државата се загадувачи бидејќи се греат на мафта и мазут, покажува мапата која ја направи граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Во Скопје 100 јавни објекти, односно болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар.
„Ако е студена зимата тие може да изгорат над 16,5 милиони литри нафта и над 4,8 илјади тони мазут. Тоа ќе го дишеме, се разбира. За нивното загревање за една сезона граѓаните преку буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра. Се подготвува новиот државен буџет за 2024 година што е можност да притискаме за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот. И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти“, велат од „Шанса за Центар“.
Годинава не се направи промена на начинот на греење кај голем број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно земјава ќе биде меѓу трите најзагадени држави во Европа.
А. АНТЕВСКА