НАД 74.000 ЕВРА ГОДИШНО ПЛАЌАЛ ТАЛЕСКИ ЗА ПОЗДРАВИ И ЧЕСТИТКИ ВО МЕДИУМИТЕ

    НАД 74.000 ЕВРА ГОДИШНО ПЛАЌАЛ ТАЛЕСКИ ЗА ПОЗДРАВИ И ЧЕСТИТКИ ВО МЕДИУМИТЕВо 2016 година најмногу пари биле исплатени кон компанија со седиште во Скопје, а која располагала со три весници, вкупно 898.145 денари. (Фото: СДК.МК)

    Од 65.000 до над 74.000 евра годишно исплаќала Општина Битола додека бил градоначалник Владимир Талески за услуги и преплати во печатени и електронски медиуми. Според податоците добиени од Општината по Законот за слободен пристап до информации, од 2014 до 2016 година општината најмногу пари за медиуми дала во 2015 година кога биле потрошени над 74.000 евра. Се плаќале честитки за празници, соопштенија, огласи, емитување на спотови, специјални емисии, следење на настани, фотографирање и месечна претплата на весници…

    Според деталните податоци добиени од службите на Општина Битола, пари земале и битолски и скопски медиуми. Во 2014 година најголем дел од средствата, според посочените суми, 1.823.329 денари ѝ биле исплатени на телевизија, а 705.703 денари на локален весник. Во 2015 година кон две телевизии се исплатиле 2.131.094 денари. Во 2016 година најмногу пари биле исплатени кон компанија со седиште во Скопје, а која располагала со три весници, вкупно 898.145 денари.

    Општината плаќала месечна претплата и за други два весника кои се издавале во Скопје. Во едниот од нив објава на соопштение од 13.04.2016 година за изградба на фудбалски стадион чинела 86.358 денари, а во локален весник истата објава 11.800 денари.

    Преку медиумите Општината практикувала да им ги честита и празниците на граѓаните, почнувајќи од Нова година, Божиќ, Велигден, Први Мај, Св. Кирил и Методиј, Илинден, Рамазан Бајрам, 8 Септември, 11 Октомври, 23 Октомври, 4 ноември, Св. Климент Охридски, точно на број единаесет. Во едно локално печатено гласило во 2016 година честитката чинела 5.900 денари, безмалку 100 евра, а во друг локален весник 2000 денари. Но, затоа пак за првиот Талески плаќал месечен надомест од 1680 денари, а за другиот до 3.000 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари