НАД 95% ОД КУМАНОВСКИТЕ МАТИЧНИ ЛЕКАРИ СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ПРОТЕСТОТ, СЕ ПРИМААТ САМО ИТНИТЕ СЛУЧАИ

    НАД 95% ОД КУМАНОВСКИТЕ МАТИЧНИ ЛЕКАРИ СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ПРОТЕСТОТ, СЕ ПРИМААТ САМО ИТНИТЕ СЛУЧАИНе протестираме против пациентите, туку против арогантниот однос на министерот, вели Фатмир Асани, претседател на Здружението на матични лекари во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Над 95 отсто од матичните лекари во Куманово се приклучија на тридневниот протест со кој се бара зголемување на капитацискиот бод поради порастот на трошоците за живот. Лекарите се на работните места и примаат само итни случаи, но не издаваат упати и рецепти. Тие велат дека пациентите се солидаризираат со нив, па доаѓаат само оние кои мора да завршат некоја неодложна административна работа.

    „Единствени сме во штрајкот, не креираме упати и не издаваме рецепти, но ги примаме итните случаи. Нашиот протест не е против пациентите, туку против арогантниот однос на министерот, кој во изминатиот период не сакаше да ја прими нашата работна група и да ги разгледа нашите барања за да се најде компромисно решение. Со ребалансот на буџетот не се предвидени средства за матичните лекари, а нам трошоците ни се зголемени, а приходите лимитирани. Затоа никој од младите лекари не сака да биде матичен и сите избегаа од државата“, вели д-р Фатмир Асани, претседател на Здружението на матични лекари во Куманово.

    Тој вели дека десет матични амбуланти во Кумановско работат со приход помал од 60.000 денари, а четири кои работеле во здравствениот дом во населбата Тоде Мендол морале да се иселат затоа што Министерството не сака да им ги продолжи договорите за концесија и сега работат во приватни објекти со повисока кирија.

    Покрај зголемување на капитацискиот бод, приватните лекари бараат и електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти и да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да работат и по свои 64 години.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира