НАД ТРИ ТОНА ПЛАСТИКА И ХАРТИЈА СОБРАНИ ВО ВАЛАНДОВО ВО ПРОЕКТОТ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД

    НАД ТРИ ТОНА ПЛАСТИКА И ХАРТИЈА СОБРАНИ ВО ВАЛАНДОВО ВО ПРОЕКТОТ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАДКомуналното претпријатие еднаш неделно со трактор ги собира кесите со селектиран отпад.(Фото: СДК.МК)

    Над три тона пластика и хартија досега се собрани во Општина Валандово преку мобилната апликација ,,Селектирај отпад’’.

    Ѓубрето од домаќинставата секоја недела се собира од страна на ЈП „Комунален сервис“ од Валандово, а граѓаните добиваат кеси со бар кодови и со мобилната апликација алармираат кога се наполнети за комуналците да им ги преземат.

    „Проектот се имплементира веќе половина година и според досеганшните анализи месечено со овој проект собираме околу 300 килограми пласитка и околу 200 килограми хартија која потоа се предава во фирми каде ја користат како суровина. Задоволни сме од интересот . Над 100 домаќинства и институции се вклучија во проектот. Нè радува фактот што сè повеќе млади се приклучуваат кон селекцијата на отпад“, вели Емилија Заева-Костова, директорката на ЈП „Комунален сервис“.

    Петок е денот кога комуналното претпријатие со трактор го собира селектираниот отпад. Освен од градот, во проектот „Селектирај отапд“ се приклучуваат и домаќинства од населените места во Општина Валандово. Паралелно со проектот се предвидуваат и парични награди за петте граѓаните кои најмногу ќе селектираат отпад и ќе ја користат мобилната апликација.

    „Ова е добар проект бидејќи на тој начин ја заштитуваме животната средина. Знаеме колку време ѝ треба на пластиката да се разложи во депониите, но сега таа се користи како суровина. Треба да црпиме искуства од развиените држави и да ја менуваме свеста. Заштитата на природата и животната средина треба да ни биде приоритет“, вели Магдалена Пенова, која оваа недела донесе кеса со хартија во „Комунален сервис“.

    Проектот го иницираше Марио Томов од „Селектирај отпад“, кој ја креираше мобилната апликација преку која граѓаните се пријавуваат дека сакаат да селектираат отпад и алармираат до комуналните работници дека нивните кеси се полни за подигање од нивните домови.

    „Нашата цел со оваа мобилна апликација и самиот проект е зачувување на животната средина, но и заработка од отпадот кој може да се искористи како секундарана суровивна. Со рециклирањето на отпадот решаваме повеќе општествени проблеми и ја подигнвуаме јавната свест“, ни кажа Томов на почетокот на овој проект.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира